сабота, 26 јули 2025

Нов услов за африканските земји: Запрете ги мигрантите или ќе ја изгубите поддршката од ЕУ

Афиканските земји ќе мора да го запрат протокот на мигранти доколку сакаат да продолжат да добиваат развојна помош од Европската Унија, ќе предложи Европската комисија во својот седумгодишен буџетски план што ќе биде обелоденет следната недела. Идејата, наведена во интерен нацрт-документ, ја поврзува помошта на Европската Унија за посиромашните земји со конкретни резултати во спречувањето на луѓето да дојдат во ЕУ.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Тоа го одразува построгиот пристап на извршната власт на ЕУ кон миграцијата откако десничарските партии добија значителна поддршка на минатогодишните европски избори. Оваа промена би значела усогласување на развојната политика на ЕУ со политиките на САД и Велика Британија, кои ја користат странската помош како средство за притисок за постигнување на приоритетите на домашните гласачи.

Во тој план, Комисијата предлага можност за намалување на финансиските ресурси на посиромашните земји доколку тие не придонесат за намалување на миграциските текови.

„Пристапот треба да ги комбинира сите соодветни алатки и потребни лостови преку флексибилен пристап на стимулации, вклучувајќи, доколку е соодветно во овој контекст, можни промени во распределбата на средствата поврзани со миграцијата“, напиша Комисијата во документ во кој го наведува својот нацрт-план за надворешна помош за новиот буџетски циклус, кој опфаќа седум години од 2028 година.

Со ова, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лаен попушта под притисокот на централно-десничарската Европска народна партија и мнозинството земји-членки, од Италија до Данска. Тие сакаат да го обноват и прошират на други африкански земји контроверзниот договор што ЕУ го склучи со Тунис во 2023 година за да го запре заминувањето на мигрантите.

„Потребна е поголема кохерентност помеѓу миграцијата, азилот и надворешната политика за да се обезбеди дека надворешната помош на Унијата ги поддржува земјите-партнери во поефикасно управување со миграцијата“, се наведува во документот.

Сепак, за овие идеи да стапат на сила, Фон дер Лаен ќе мора да ги убеди скептиците меѓу левичарските социјалисти, демократи и Зелените, чија поддршка е потребна за да се одобри новиот буџет во Европскиот парламент.

Ова би претставувало голема промена во споредба со сегашниот модел на помош на ЕУ, кој најчесто доаѓа без посебни услови. Фон дер Лаен ќе го презентира предлогот за буџетот следната среда.

Комисијата ќе предложи спојување на неколку различни програми за помош во еден единствен Фонд „Глобална Европа“, кој ќе биде поделен според географски категории. Според текстот, регионите се: Европа, Блискиот Исток, Северна Африка и Заливот, Субсахарска Африка, Азија и Пацификот, Америка и Карибите и глобалната категорија.

Комисијата ќе додели одредена сума на средства за секој макро-регион. Сепак, бројките се изоставени од документот и ќе бидат интерно споделени само неколку часа пред Комисијата да го презентира својот предлог.

Парите за повоената обнова на Украина нема да ги намалат средствата наменети за други региони. Наместо тоа, документот предвидува посебен и сè уште неодреден фонд за помош на земјата разорена од војната во периодот од 2028 до 2034 година. „Инструментот треба да обезбеди рамка за помош во брзата обнова, реконструкција и модернизација на Украина“, се наведува во документот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ