четврток, 18 декември 2025

Нов сој на грип се шири низ Европа

СЗО предупредува дека сезоната на грип почнала порано од вообичаеното и бележи висока активност во 27 европски земји.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Интензивен пораст на бројот на заболените од грип, предизвикан од нов доминантен сој на вирусот, се шири низ Европа и го зголемува притисокот врз здравствените системи во повеќе земји, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

СЗО вчера наведе дека најмалку 27 од 38 земји во нејзиниот европски регион бележат „висока или многу висока активност на грип“, додека во шест земји — меѓу кои Ирска, Србија, Словенија и Велика Британија — повеќе од половина од пациентите со симптоми слични на грип биле тестирани позитивно.

Организацијата соопшти дека сезоната на грип започнала приближно четири недели порано отколку во претходните години и го повика населението да го намали преносот на вирусот преку вакцинација, останување дома во случај на болест и носење маска во јавноста доколку имаат респираторни симптоми.

Според СЗО, новиот сезонски сој на грип — подваријанта A(Х3Н2), подваријанта К — го поттикнува бранот инфекции и сочинува до 90 отсто од сите потврдени случаи на грип во европскиот регион, но засега нема докази дека предизвикува потешка клиничка слика.

Директорот на СЗО за Европа, Ханс Анри Клуге, изјави: „Грипот се јавува секоја зима, но оваа година е малку поинаков. Тоа покажува како и мала генетска промена на вирусот на грип може да изврши огромен притисок врз нашите здравствени системи“.

Клуге, како што пренесе Гардијан, укажа и на опасноста од дезинформации и лажни вести. „Во актуелната клима од пресудно значење е да се бараат сигурни информации од веродостојни извори, како што се националните здравствени институции и СЗО“, изјави тој. „Во предизвикувачка сезона на грип, сигурните информации засновани на докази можат да спасат животи“.

Новиот сој неодамна предизвика драматични наслови во Велика Британија, каде што здравствените власти предупредија на „најлошо можно сценарио“ за Националната здравствена служба (НХС). Министерот за здравство Вес Стритинг ја опиша состојбата како „плимски бран на грип што ги зафаќа нашите болници“ и ја оцени како „предизвик каков што НХС не видел уште од пандемијата“.

Иако бројот на хоспитализациите нагло расте поради раниот почеток на сезоната на грип, засега нема докази дека доминантната варијанта оваа сезона е посмртоносна или попренослива, соопштија експертите од СЗО и Европскиот центар за превенција и контрола на болести.

СЗО соопшти дека првичните податоци од Велика Британија потврдуваат дека вакцината против грип го намалува ризикот од тежок облик на болеста предизвикан од сојот A(Х3Н2), иако можеби не ја спречува самата инфекција, и дека вакцинацијата останува поединечно најважната превентивна мерка.

„Ова е особено важно за оние што се изложени на поголем ризик, вклучително и постарите лица, луѓето со хронични заболувања, бремените жени и децата“, се наведува во соопштението. Здравствените работници се исто така означени како приоритетна група, со цел да се заштити нивното здравје, но и здравјето на нивните пациенти.

„Како и во другите сезони, децата од училишна возраст се главните двигатели на ширењето на вирусот во заедницата“, се додава. „Сепак, возрасните над 65 години сочинуваат мнозинство од тешките случаи што бараат хоспитализација“.

Клуге изјави дека се очекува сезоната на грип да го достигне врвот кон крајот на декември или почетокот на јануари. „Актуелната сезона на грип, иако сериозна, не претставува ниво на глобална вонредна состојба каква што имавме за време на пандемијата на ковид-19“, рече тој, додавајќи: „Нашите здравствени системи имаат повеќедецениско искуство во справување со грипот, располагаме со безбедни вакцини што се ажурираат секоја година и имаме јасен сет на заштитни мерки што даваат резултати“.

Британската Национална здравствена служба (НХС) минатата недела соопшти дека се подготвува за една од најтешките зими досега, поради сè поголемиот притисок врз ординациите на матичните лекари, болниците и службите за итна помош.

Германскиот Институт „Роберт Кох“ наведе дека сезоната на грип во таа земја започнала две до три недели порано од вообичаено.

Француската национална агенција за јавно здравје соопшти дека активноста на грипот во континентална Франција „силно расте“, со зголемување на бројот на заболените во сите возрасни групи и сè поголем број луѓе што бараат помош во болничките служби за итна помош.

Во Шпанија, стапките на инфекција веќе се повисоки од врвот на минатогодишната зимска сезона, а бројот на хоспитализациите се удвоил за само седум дена, додека Романија и Унгарија исто така бележат силен пораст на бројот на случаите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ