сабота, 24 јануари 2026

Нов јапонски воз ги урива сите рекорди на брзина

Јапонија развива воз од серијата Л0, кој, со брзини до 603,5 километри на час, треба да стане најбрзиот во светот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за маглев-воз (воз со магнетна левитација) што го произведува и тестира Централната јапонска железничка компанија (ЏР централ). Со тоа значително би го надминал единствениот комерцијален маглев-воз во светот, шангајскиот, кој достигнува 460,2 километри на час. За споредба, најбрзите европски возови, како францускиот ТГВ и италијанскиот АГВ Итало, сообраќаат со брзини меѓу 306 и 354 километри на час, пишува Јуроњуз https://www.euronews.com/travel/2026/01/23/japan-is-building-the-worlds-fastest-train-but-will-it-ever-come-to-europe.

Новата линија Чуо-Шинкансен, која моментално е во изградба, ќе го скрати патувањето меѓу Токио и Нагоја на само 40 минути. Денес тоа патување, во зависност од видот на возот, трае од еден и пол до два и пол часа. Во план е и подоцнежно воспоставување линија меѓу Нагоја и Осака, со што трите големи града ќе се поврзат во единствен регион.

Кога тоа би се пресликало на Европа, ваков воз би го скратил патувањето меѓу Лондон и Единбург на само 60 минути, додека со денешните возови за тоа растојание се потребни меѓу четири и пет и пол часа.

Возот од серијата Л0 ја користи технологијата на магнетна левитација (маглев), која со помош на магнети го подигнува возот над шините. Друг електричен мотор потоа ги придвижува вагоните нанапред. Овој метод, кој комбинира електрична енергија и магнети, му овозможува на возот да лебди и да постигнува досега незамисливи брзини.

Кога линијата ќе биде пуштена во комерцијална употреба, со возот од серијата Л0 ќе може да се патува од Токио до Осака за само еден час, за што денес се потребни меѓу два часа и 20 минути и четири часа.

Развојот на овој футуристички воз бара огромни инвестиции, а трошоците досега достигнаа околу 59,9 милијарди евра. Проектот се соочува и со значителни доцнења. Иако првично беше планирано да заврши во 2027 година, пуштањето во сообраќај е одложено за осум години, па сега како реален рок се споменува периодот меѓу 2034 и 2035 година.

Се поставува прашањето дали ваков воз би можел да функционира надвор од Јапонија, на пример на европскиот пазар. Интеграцијата би можела да биде посложена отколку што изгледа, бидејќи во Европа, покрај брзината, голем акцент се става на удобноста на патниците, целокупното искуство и пристапноста.

Патувањата со воз често се ценат поради нивната побавна, живописна убавина. Поради тоа, ултрабрзиот воз би можел да биде во неповолна положба, освен ако не би сообраќал на исклучиво деловни релации, како оние меѓу Лондон и Париз или Лондон и Брисел.

Покрај тоа, еден проект како серијата Л0 би барал огромни вложувања и целосно нова инфраструктура, бидејќи не може да сообраќа по постојните пруги. Поголем дел од трасата би морал да минува низ тунели што би требало посебно да се градат. Таков воз троши и значително повеќе енергија од вообичаените европски возови и има помал капацитет, што би го отежнало покривањето на трошоците и постигнувањето профитабилност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ