Два од трите региони на гребенот го забележаа најголемиот годишен пад на коралната покривка откако започна набљудувањето пред речиси 40 години, според годишниот извештај на АИМС.
Белењето во 2024 година, предизвикано од топлински стрес од климатските промени, е главната причина за загубите, соопшти АИМС. За тоа придонесоа циклоните и појавата на морски ѕвезди под името круна од трње.
АИМС забележува дека ова е петтиот настан на масовно белење што го погодил регионот од 2016 година и најголем досега регистриран на Големиот корален гребен. Извештајот предупредува дека ваквите настани стануваат сè почести, додека периодите на закрепнување се скратуваат. „Сега гледаме зголемена варијабилност во нивоата на покривка на тврди корали. Ова е феномен што се појави во текот на изминатите 15 години и укажува на екосистем под стрес“, рече Мајк Емсли, менаџер на долгорочната програма за мониторинг на АИМС.
„Видовме како коралната покривка осцилира помеѓу рекордно ниски и рекордно високи нивоа во релативно краток временски период, додека претходно таквите флуктуации беа умерени“, додаде тој.
Наодите се базираат на истражувања спроведени помеѓу август 2024 и мај 2025 година. Од 124-те испитани гребени, речиси половина (48 проценти) покажале пад на коралната покривка, додека само 10 проценти покажале зголемување.
И покрај тоа, Емсли забележува дека гребенот сè уште има поголема корална покривка од многу гребенски системи низ целиот свет.
Сместен покрај североисточниот брег на Австралија, Големиот корален гребен е најголемиот систем на корални гребени во светот, дом на околу 400 вида корали, околу 1.500 вида риби и 4.000 вида мекотели.






