петок, 6 февруари 2026

Норвешка предупредува: Русија ја засилува шпионажата на Арктикот, планира саботажи

Русија оваа година ќе ги засили шпионските активности во Норвешка, со посебен фокус на арктичкото копно и архипелагот Свалбард, соопшти денеска норвешката безбедносна служба ПСТ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во својата годишна процена, службата предупредува и на зголемен ризик од саботажи. Норвешка, како сојузник на Украина и најголем европски снабдувач со гас, сè повеќе е загрижена дека руските разузнавачки служби би можеле да ја таргетираат нејзината енергетска инфраструктура, преку физички или кибернетички напади, пишува Ројтерс.

Во годишниот извештај за процена на заканите, ПСТ наведува дека очекува Русија да го засили своето дејствување во Норвешка. „Очекуваме руските разузнавачки служби да ги интензивираат своите активности во Норвешка во текот на 2026 година, со постојан фокус на воени цели и сојузнички вежби, норвешката поддршка за Украина, како и операции на далечниот север и во арктичкиот регион“, се наведува во извештајот.

„Најсеверните окрузи и Свалбард се од особен интерес и затоа се исклучително изложени на разузнавачки активности и операции на влијание“, се додава. ПСТ наведува дека Русија најверојатно ќе продолжи со надзор долж разгранетото норвешко крајбрежје и со мапирање на клучната инфраструктура, користејќи цивилни пловни објекти.

Норвешка, како членка на НАТО што дели арктичка граница со Русија, внимателно ги следи руските воени активности во северен Атлантик и на полуостровот Кола. Таму се наоѓа базата на руската Северна флота, како и околу две третини од руските капацитети за втор нуклеарен удар, односно способноста за одговор на нуклеарен напад.

Минатиот август, ПСТ кибернетички напад врз една хидроцентрала, со кој накратко била преземена контролата врз нејзиното работење, им го припиша на хакери поврзани со Русија, обвинувајќи ја Москва дека претставува сè поопасна закана. Руската амбасада во Осло тогаш соопшти дека ваквите обвинувања се „неосновани и политички мотивирани“.

ПСТ во петокот повторно предупреди на ризикот од физички напади. „Руската разузнавачка служба би можела да процени дека е корисно да се спроведат саботажи врз цели во Норвешка во текот на 2026 година“, се наведува во извештајот. Најверојатни цели се имотот и логистичката инфраструктура поврзани со поддршката за Украина, но можна цел е и цивилната инфраструктура.

ПСТ исто така предупреди дека руските служби сè почесто се обидуваат да регрутираат украински бегалци во Норвешка за собирање разузнавачки информации или за извршување саботажи. Особено ранливи на присила се бегалците чии семејства или имот се наоѓаат на подрачја на Украина под руска окупација. Со оглед на тоа што во Норвешка се наоѓаат околу 100.000 украински бегалци, ваквите обиди за регрутирање претставуваат „голем предизвик“, заклучува ПСТ.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, забележан е бран на подметнати пожари, саботажи и кибернетички напади во Полска и во други европски земји.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ