среда, 4 март 2026

Норвешка енормно заработува од кризата на Блискиот Исток

Бродскиот сообраќај низ Ормускиот теснец е во застој. Според Си-ен-ен, во понеделникот, наместо вообичаените 75, само девет брода, од кои само два хемиски танкери, поминале низ овој морски премин помеѓу Иран и Оман, кој го поврзува Персискиот залив со Арапско Море. Како резултат на тоа цената на суровата нафта на европскиот пазар се зголеми за речиси 20 проценти, а на гасот за речиси 75 проценти.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Нападот на Соединетите Американски Држави и Израел врз Иран целосно го наруши извозот на нафта и гас од Персискиот залив, од каде што доаѓаат околу 20 проценти од светската потрошувачка на споменатите енергенси. Во моментов најмалку 150 трговски бродови се закотвени покрај брегот на Обединетите Арапски Емирати и Оман, чекајќи да можат да продолжат со пловење.

Од 28 февруари најмалку пет танкери биле нападнати додека пловеле низ Ормускиот теснец. За земјите извознички на нафта и гас како што се Катар, Бахреин, Кувајт и Иран, тоа е единствениот излез на светскиот пазар. Саудиска Арабија и Ирак се исто така многу зависни од овој премин, иако имаат и некои копнени алтернативи, нафтовод до Црвено Море и до Турција.

Иран тврди дека има целосна контрола врз пристапот до теснецот, што аналитичарите го нарекуваат енергетски кошмар. Од друга страна, Централната команда на американската армија, Центком, која ги координира операциите на Блискиот Исток, тврди дека Ормускиот теснец не е затворен. Американскиот претседател Доналд Трамп порача на социјалната мрежа Трут сошл дека неговата земја е подготвена да обезбеди заштита на бродовите што пловат низ теснецот.

Значи, никому не му се допаѓа оваа ситуација, дури ни на краток рок, најмалку на Европа и на земјите од Далечниот Исток, кои добиваат 70 проценти од својата нафта од оваа област. Исклучок е Норвешка, која од петокот бележи огромно зголемување на приходите. Во моментов Норвешка заработува околу 100 милиони евра повеќе дневно само од продажба на гас отколку до минатиот четврток.

Во последно време, природниот гас носи повеќе приходи во Норвешка отколку нафтата. Во јануари оваа скандинавска земја заработила околу пет милијарди евра од продажба на гас, а една милијарда помалку од нафта. Во последниве години, норвешкиот гас стана значително поважен извор на енергија за Европа, бидејќи рускиот гас е во голема мера недостапен поради санкциите.

„Светот има одредени резерви на нафта, но гасот многу потешко се складира. Залихите на гас се генерално ниски во зимските месеци. Складирачките капацитети се полни околу 30 проценти, што е помалку од вообичаеното за овој период од годината“, изјави аналитичарот на ДНБ Карнеги Хелге Андре Мартинсен за норвешкиот јавен радиодифузер НРК.

„Околу 20 проценти од светската потрошувачка на течен природен гас, поминува низ Ормускиот теснец. Со оглед на тоа што Катар енерџи мораше да го запре производството на течен природен гас, ситуацијата станува алармантна. Европа е особено ранлива, бидејќи 40 проценти од увезениот гас се течен природен гас“.

Поради несигурноста и нападите врз танкерите, се создаде тесно грло. Стоките што веќе тргнале од Персискиот залив се одложуваат, а нови резервации и нарачки во таа област во овој момент не се прифаќаат. Цените на транспортот, исто така, се зголемија. Аналитичарите се согласуваат дека зголемувањето на цените на гасот и нафтата ќе има последици и директно ќе влијае на цените на електричната енергија во Европа.

Сесили Бекер, економскиот коментатор на НРК, во својот напис од завчера речиси му се извини на светот за дополнителниот профит на Норвешка: „Ние сме земја што генерира големи приходи од енергија. Кога се зголемува неизвесноста, цената на она што го продаваме се зголемува и заработуваме повеќе пари“.

„Секако, ова не значи дека војната е добра. Но, тоа значи дека Норвешка, благодарение на својата економска структура, често има позитивен економски ефект кога светот станува потурбулентен. Ова е непријатна, но вистинита карактеристика на норвешкиот економски модел“, пишува Бекер.

Веднаш пристигнаа меѓународни критики за норвешката позиција. Фајненшл тајмс вчера напиша дека Норвешка е всушност воен профитер, кој има огромна корист од европската криза и дека сега има обврска да ги инвестира тие приходи за општото добро на континентот.

„Намалувањето на снабдувањето со гас од страна на Русија ја претвори Норвешка во најголем европски снабдувач, со практично загарантиран пазар. Парите што инаку можеа да се искористат за поддршка на Украина завршија во билансот на состојба на норвешкиот државен фонд. Овие средства сега треба да бидат насочени кон украинската одбрана и обнова“, изјави за Фајненшл тајмс Хавард Халанд, професор на Универзитетот Хериот-Ват во Единбург.

Норвешката влада одговори дека не станува збор за алчност, туку за пазарни цени. Норвешка го зголеми производството и испораките на енергија колку што можеше, но тоа само доведе до уште поголемо зголемување на приходите. „Оваа година, Норвешка издвои само три милијарди евра за поддршка на украинските воени напори“, пишува професорот Халанд.

„Ние сме мирна земја со економија што профитира од немирите. Сакаме да мислиме на себе како на хуманитарна суперсила. Но, ние сме и енергетска суперсила, а тие две улоги се судираат секој пат кога светот станува понестабилен. На многу начини, Норвешка живее од она од кое сите најмногу се плашат“, заклучи Бекер за НРК.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ