вторник, 10 јуни 2025

Нон-пејпер на Франција и Германија: На Република Српска да ѝ се воведат финансиски санкции, на нејзините лидери политички

Во неформален документ (нон-пејпер), кој Франција и Германија го испратија до членките на Европската Унија, се повикува на изолација на раководството на Република Српска и воведување санкции – финансиски за тој ентитет на Босна и Херцеговина, а политички за нејзините највисоки функционери.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Документот, кој денес беше дискутиран на седницата на Советот за национална безбедност на Србија, бил испратен на 12 мај под наслов „Одговори на нападите на Република Српска врз уставниот поредок на БиХ“, според сараевскиот портал Рапорт.

Во документот се тврди дека моменталната уставна криза во БиХ е „најтешкиот предизвик за суверенитетот, единството и функционалниот и територијалниот интегритет на БиХ во последните 30 години, од потпишувањето на Дејтонскиот договор“.

Се додава дека постапките и правните процеси, почнати во Република Српска по првостепената пресуда против нејзиниот претседател Милорад Додик, претставуваат „отворени напади врз уставниот поредок на БиХ“.

Се наведува дека ова се однесува на усвоените закони со кои се забранува работењето на судските институции на БиХ и Агенцијата за истраги и заштита (СИПА) на територијата на Република Српска, на усвојувањето на нацрт-верзијата на новиот устав на тој ентитет и на усвојувањето на Законот за заштита на уставниот поредок на Република Српска и таканаречениот закон за странски агенти.

„Овие акти се во спротивност со обврските што БиХ ги презеде на патот кон ЕУ, една година по одлуката на Европскиот совет за отворање преговори за пристапување на БиХ во Европската унија“, се вели во документот.

Се потсетува дека во заклучоците на Европскиот совет од 17 декември 2024 година, ЕУ се осврна на можните одговори на Унијата на „дејствија и актери што го поткопуваат и го загрозуваат уставниот поредок, суверенитетот, територијалниот интегритет и меѓународната субјективност на БиХ“, и дека ја нагласи потребата од „проценка на сите опции и сериозни последици достапни во алатките на ЕУ“.

ЕУ ја потврди својата посветеност на Дејтонскиот договор и уставниот поредок на БиХ, како и својата посветеност на стабилноста и мирот во БиХ и регионот на Западен Балкан, се додава.

„Непосредната цел е укинување на неуставните закони и повлекување на новиот нацрт-устав на Република Српска. Мора да се истражат сите можности за постигнување на таа цел“, се наведува во нон-пејперот.

Исто така, се наведува дека трајното решение на кризата ќе бара „целосно и неповратно враќање на Република Српска во уставниот поредок на БиХ, повторно залагање на босанските Срби за правилно функционирање на државните институции и нивно повторно залагање за преземање на сите релевантни чекори утврдени во препораката на Европската комисија од октомври 2022 година за напредок во процесот на пристапување во ЕУ“.

Во документот се наведуваат акциите што треба да бидат дел од алатките на ЕУ за решавање на кризата во Босна и Херцеговина.

„Секој проект што Република Српска го користи директно или делумно во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан треба да остане суспендиран. Комисијата треба да се воздржи од предлагање нови проекти корисни за Република Српска“, се вели во документот.

Укинувањето на тие мерки би се случило откако раководството на Република Српска ќе преземе „конструктивни мерки“, се наведува во него.

Таков пристап се бара и од Светската банка, со оценка дека билатералната финансиска помош за проекти што директно или делумно ѝ користат на Република Српска треба да се суспендира.

ЕУ треба да ја разгледа целната употреба на рамката за рестриктивни мерки, со оглед на ситуацијата во БиХ, преку усвојување рестриктивни мерки против поединци, се вели во документот.

Во отсуство на консензус на европско ниво, националните мерки, вклучително и целните индивидуални мерки како што се националните забрани за патување, треба да бидат испитани и координирани меѓу членките на ЕУ, се вели во него.

ЕУ и нејзините членки, како што е наведено, треба да нагласат дека постапките на Република Српска се спротивни на европскиот пат на БиХ и на интересите на населението на БиХ, вклучително и на населението на Република Српска.

„Нон-пејперот“ укажува дека информациите од ЕУ и нејзините членки, испратени до претставници на владата на Република Српска или до Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Додик, треба да бидат насочени кон „нагласување на ризикот од понатамошно спроведување на неуставниот курс“ на претседателот на Република Српска.

„Овие комуникации треба да вклучуваат пораки за отвореноста и подготвеноста на ЕУ за смирување на тензиите штом промената во политиката стане видлива, како и ангажман со опозицијата и граѓанското општество во Република Српска. Контактите на високо ниво со осудените или обвинетите лидери на Република Српска (Милорад Додик, Ненад Стевандиќ и Радован Вишковиќ) треба да се суспендираат“, се вели во документот.

„Нонпејперот“ е ажуриран документ поднесен на 3 ноември 2023 година, напишан во светлината на заклучоците на Политичкиот и безбедносен комитет на ЕУ. Тие заклучоци, договорени на 26 март 2025 година, го отворија патот за понатамошно активно ангажирање на членките на ЕУ во врска со уставната криза во Босна и Херцеговина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ