Според извештај што го пренело нејзиното семејство по краток телефонски разговор што го остварила по неколкудневен прекин на контактот, Мохамади во објава на социјалната мрежа што ја води нејзината фондација навела дека претрпела тешко физичко малтретирање за време на апсењето и притворот.
Мохамади рече дека била „нападната со силни и непрекинати удари по главата и вратот со палка, а потоа насилно уапсена“. Во исто време додека ја тепале, ѝ се заканувале со зборовите: „Ќе направиме мајка ти да тагува по тебе“.
Семејството на Мохамади соопшти дека таа не била во добра физичка состојба за време на повикот и ги повика нејзините адвокати веднаш да поднесат официјална жалба против безбедносната агенција одговорна за апсењето.
Мохамади, која има 53 години и која во 2024 година ја доби Нобеловата награда за мир за повеќе од две децении борба за правата на жените во Иран, на 11 декември отпатува во Машхад за да присуствува на комеморацијата по повод седмиот ден од смртта на Хосров Аликорди, адвокат и активист за човекови права, чија смрт предизвика контроверзии и обвинувања за неправилности.
Јавниот обвинител на Машхад, Хасан Хематифар, на 13 декември изјави дека 39 лица биле уапсени за време на комеморацијата и дека сите сè уште се во притвор.
Тој рече дека собирот бил „организиран и воден“ од лица поврзани со Аликорди, вклучително и неговиот брат Џавад Аликорди, кој исто така бил уапсен.
Сведоци и членови на семејствата рекоа дека безбедносните сили го прекинале настанот, што довело до судири и насилство.
Таки Рахмани, сопругот на Мохамади, изјави за Радио Фарда дека таа исто така била обвинета за „водење“ на собирот и негово претворање во антирежимски протест. Тој додаде дека е загрижувачко што на властите им биле потребни неколку дена за официјално да ја обвинат, тврдејќи дека доцнењето укажува дека „нешто планираат“.
Мохамади изјавила дека тепањата биле толку тешки што двапати била однесена на итна медицинска помош. Таа рекла дека не знае која безбедносна служба моментално ја држи.
Според нејзиното сведоштво, за време и по апсењето била обвинета за „соработка со државата Израел“, обвинение што иранските власти често го користат против политичките активисти и дисиденти.
Повикувајќи се на сведоштва, семејството соопшти дека околу 15 лица учествувале во нападот врз Мохамади. Некои наводно ѝ ја кубеле косата, додека други ја тепале со палки и пендреци. Сите наводно биле облечени во цивилна облека.
Семејството исто така изјави дека за време на комеморацијата бил употребен солзавец.
Мохамади поголем дел од изминатата деценија помина зад решетки.
Пред да биде пуштена од здравствени причини во почетокот на декември 2024 година, таа издржуваше вкупна казна од 13 години и девет месеци. Во моментот на нејзиното ново апсење, наводно сè уште била на лекување поради неоткриена болест.
По пуштањето на слобода, Мохамади продолжи со својата работа на полето на човековите права, се среќаваше со граѓански активисти низ Иран и учествуваше во меѓународни дискусии, вклучително и виртуелни конференции со странска публика.
Норвешкиот Нобелов комитет го осуди „бруталното апсење“ на Мохамади и ги повика иранските власти „веднаш да разјаснат каде се наоѓа Мохамади, да ја обезбедат нејзината безбедност и интегритет и да ја ослободат без никакви услови“.
Активистките за човекови права Сепиде Голијан и Пуран Наземи, исто така, нaводно биле претепани за време на судирите.
Неколку други приведени лица, вклучително Алие Моталебзаде, Пуран Наземи и Хасти Амири, во меѓувреме оствариле кратки телефонски повици со своите семејства.
Газал Абдолахи, ќерката на Алие Моталебзаде, објави на платформата Икс дека нејзината мајка ѝ рекла оти првично била задржана од Разузнавачката организација на Исламската револуционерна гарда, пред да биде префрлена во канцеларијата на Министерството за разузнавање во Машхад.
Абдолахи предупреди дека здравјето на нејзината мајка е во сериозен ризик, напоменувајќи дека Моталебзаде ја преживеала болеста рак на дојка, поминала операција, хемотерапија и радиотерапија и дека ѝ е потребна редовна терапија и специјализирана нега. Таа изјави дека на нејзината мајка ѝ бил ускратен пристапот до неопходното лекување додека е во притвор.
Судирите следуваа по смртта на Аликорди, кој претходно беше затворен, а во последните години застапуваше политички затвореници и семејства што бараа правда.
Аликорди почина на 5 декември во својата канцеларија во Машхад. Иранските власти соопштија дека причината за смртта бил срцев удар, но неговото семејство и поддржувачите ја доведуваат во прашање официјалната верзија.
Неговиот брат, Џавад Аликорди, адвокат што моментално издржува казна со електронски надзор, ја опиша смртта како сомнителна, наведувајќи дека надзорните камери од канцеларијата биле отстранети.
Иранските власти објавија снимка за која тврдат дека го прикажува Аликорди како паѓа на подот во својата канцеларија и велат дека заматената снимка ја потврдува нивната верзија. Семејството и поддржувачите на Аликорди ја доведуваат во прашање веродостојноста на снимката.






