недела, 7 декември 2025

Нобеловиот комитет не може да стапи во контакт со добитникот зашто е на планинарење

Нобеловиот комитет за медицина не можел да го контактира еден од годинешниве лауреати, американскиот имунолог Фред Рамсдел, кој не бил достапен во времето на објавувањето бидејќи планинарел во Ајдахо.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Рамсдел, заедно со Мери Брункоу од Сиетл и Шимон Сакагучи од Универзитетот во Осака, ја доби Нобеловата награда за медицина за 2025 година за нивните откритија за тоа како функционира имунолошкиот систем, особено регулаторните Т-клетки, кои го спречуваат телото да ги напаѓа сопствените ткива, објавува Гардијан.

„Се обидував да го контактирам, но мислам дека планинари во некој оддалечен дел од Ајдахо“, рече неговиот колега и пријател Џефри Блустоун.

Нобеловиот комитет, исто така, имал тешкотии да ја контактира и Брункоу, бидејќи двајцата се од западниот брег на САД, девет часа оддалечен од Стокхолм, но подоцна успеале да ја контактираат.

Генералниот секретар на Нобеловиот комитет, Томас Перлман, рече дека напорите за известување на Рамсдел за наградата се во тек.

Рамсдел (64), виш советник во „Сонома биотерапевтикс“, и Брункоу (63), виш истражувач во Институтот за системска биологија во Сиетл, во 2001 година заедно идентификуваа клучен механизам што ја регулира имунолошката толеранција, надоградувајќи се на откритието на Сакагучи од 1995 година.

„Нивните откритија ги поставија темелите за едно ново поле на истражување и го поттикнаа развојот на нови третмани, вклучително и за рак и автоимуни болести“, се вели во соопштението.

Добитниците ќе ја поделат наградата од околу 1,2 милиони долари и ќе добијат златен медал што ќе го додели шведскиот крал Карл XVI Густаф.

Нобеловиот комитет се соочил со слични ситуации и претходно – во 2020 година, лауреатите за економија Боб Вилсон и Пол Милгром исто така не одговорија веднаш на повиците од Стокхолм.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ