четврток, 1 јануари 2026

Њујорк тајмс: Вака Трамп ја понижи Украина

Додека претседателот на САД, Доналд Трамп, притискаше за мировен договор, а рускиот претседател Владимир Путин бараше победа, спротивставени фракции во Белата куќа и Пентагон, преку низа потези, одвнатре ги нагризуваа украинските воени напори, пишува Њујорк тајмс во обемна реконструкција заснована на повеќе од 300 интервјуа со функционери, воени и разузнавачки извори во САД, Украина и Европа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Еден детаљ од летото 2025 година го сумира она што многу американски и украински функционери почнаа да го доживуваат како нова, непредвидлива американска улога: 18.000 гранати од 155 милиметри, кои требаше да пристигнат на источниот фронт кај Покровск, најпрво со месеци беа „замрзнати“ во склад во Германија, потоа беа пуштени дури по интервенција на влијателен сојузник на претседателот, а потоа, токму пред украинската граница, стигна нова наредба: „Пренасочете сè. Веднаш.“

„Се случи толку пати што веќе не бројам. Ова буквално ги убива. Смрт од илјада резови“, рече еден висок американски функционер.

Администрацијата на Џо Бајден, наведува весникот, ѝ остави на Украина финансиско и оружено „гнездо“ и изгради широко партнерство што не опфаќаше само испораки на оружје, туку и разузнавачка соработка, планирање и технологија. Трамп, пишува Њујорк тајмс, „претседаваше со раздвојувањето на партнерите“.

Насловите беа јавни: телевизиското понижување на Володимир Зеленски во Овалната соба во февруари, самитот со Путин на Алјаска во август и дипломатијата што кулминираше со нови, неизвесни разговори во Мар-а-Лаго. Зад сцената, според реконструкцијата, се одвивала „хаотична и досега нераскажaна“ низа настани во кои во Вашингтон се судирале спротивставени струи.

Во центарот на судирот бил односот кон помошта за Украина и американските резерви на муниција. Министерот за одбрана Пит Хегсет, според текстот, во еден момент ненадејно одлучил да задржи една клучна класа муниција – американските гранати од 155 мм – со образложение дека американските резерви се мали и дека Европа мора да преземе поголем товар.

Генералот Кристофер Каволи, американски командант во Европа, испраќал дописи барајќи пратките да се пуштат, но „застојот“ бил пробиен дури по интервенција на пензионираниот генерал Џек Кин, близок до претседателот. И покрај тоа, наредбата за пренасочување на гранатите кај Краков за многумина била симбол на новата практика на „забавување“ и блокади.

Еден висок воен функционер ги опиша ваквите потези како создавање „де факто антиукраинска политика“ преку одолжување, пречки и „валкани мали“ забавувања на помошта.

Њујорк тајмс го опишува Трамп како политичар без цврста идеолошка линија, чии одлуки често зависеле од последниот разговор, личните впечатоци, чувството за „почит“ што му ја укажуваат лидерите и од она што го гледа на Фокс њуз. Политиката, пишува весникот, се обликувала во судир меѓу „завојувани табори“.

Од една страна биле поддржувачите на продолжувањето на помошта за Украина, а од друга скептиците предводени од потпретседателот Џеј Ди Венс и кадри блиски до него во Пентагон, кои сметале дека ресурсите треба да се пренасочат кон Кина.

Трамп, според реконструкцијата, им дал широка слобода на подредените да одлучуваат за помошта, а кога одлуките предизвикувале лош публицитет или внатрешен отпор, проукраинските коментатори на Фокс знаеле да го убедат претседателот да ги поништи.

Во една од највпечатливите епизоди, украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров на состанок на НАТО во Брисел се обидувал да добие јасен одговор дали САД ќе продолжат да ја испорачуваат муницијата што веќе ја одобрила претходната администрација.

„Само ми треба да бидете искрени со мене. Само бидете искрени со мене“, повторувал Умеров, според сведоштво на американски функционер што бил присутен. Хегсет, се наведува, главно молчел и кимал со главата.

Во март, на состанок на американски и украински функционери во Џеда, американската страна побарала од Украинците да ги покажат „апсолутните минимуми“ за опстанок на државата. Мајкл Волц на Умеров му дал маркер и рекол: „Почнете да цртате.“

Умеров, според текстот, ја означил линијата на фронтот и ги издвоил Запорошката нуклеарна централа и Кинбурнската коса како клучни точки. Американскиот функционер го опишал тој момент како Украина „првпат“, преку своите преговарачи, да сигнализирала спремност за мир со откажување од дел од територијата.

Сепак, најголемиот политички и симболички товар останала Доњецката област – особено делот што Украина сè уште го држи, а кој Русија го бара. Соработниците на Трамп тоа, според Њујорк тајмс, го споредувале со „кавги за ситници“, додека Украинците и Европејците објаснувале дека повлекувањето би го отворило патот кон поголемите градови.

Откако пратеникот на Трамп, Кит Келог, во јавна објава го опишал Зеленски како „опколен и храбар лидер“, Трамп, според изворите, го нападнал во Овалната соба поради таа формулација. Келог возвратил дека Зеленски води „егзистенцијална борба“ и го споредил тоа со времето на Абрахам Линколн. Според реконструкцијата, Трамп подоцна на други соработници им мрморел: „Келог е идиот.“

Во текстот, меѓутоа, се наведуваат и претходни исклучително груби коментари на Трамп за Зеленски зад затворени врати: некои помошници тврдат дека Трамп во разговори знаел да каже за Зеленски: „Тој е кучкин син (motherfucker).“

Њујорк тајмс овој дел го опишува како дел од проблематичната заднина на односите, уште од првиот мандат на Трамп и аферата што заврши со импичмент.

Додека партнерството јавно се распаѓаше, Њујорк тајмс опишува и паралелна приказна што се одвивала главно во тајност: ЦИА, со одобрение на претседателот, тајно помагала и ја зајакнувала украинската кампања со дронови против руските нафтени постројки и танкери за да се ослаби руската воена машинерија.

Американските разузнавачки извори процениле дека нападите врз енергетската инфраструктура можеле да ја чинат Русија и до 75 милиони долари дневно. ЦИА, се наведува, добила зелено светло и за помош во нападите врз пловилата на „флотата во сенка“ во Црно Море и во Средоземјето.

„Најдовме нешто што функционира“, рекол еден висок американски функционер, па додал: „Колку долго – не знаеме.“

Текстот опишува и низа епизоди што, според изворите, ја обликувале атмосферата на преговорите: заобиколни канали преку Стив Виткоф и рускиот пратеник Кирил Дмитриев; преговори во кои Марко Рубио го цитирал „Кум“; и склоноста на Трамп кон лични впечатоци.

Еден таков момент се случил кога, среде состанок со Зеленски, Трамп организирал телефонски разговор меѓу Зеленски и поранешна мис на Украина, сопруга на познаник на Трамп. Според сведоштвата во текстот, разговорот „ја смени температурата во просторијата“ и накратко го хуманизирал Зеленски во очите на Трамп.

И покрај тоа, Њујорк тајмс заклучува дека Трамп, и на бојното поле и на преговарачката маса, сè повеќе ја „туркал Украина во агол“, додека Путин останувал тврд во максималистичките барања, што, според американски и европски извори, ја поткопувало идејата дека договор може да се постигне со брз „дил“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ