среда, 10 декември 2025

Њујорк тајмс: Трамповите напади на море се егзекуции без судење и без каков било доказ

Некаде во Карипско Море се наоѓаат остатоците од најмалку 17 лица кои беа убиени од американските воени сили по наредба на претседателот Доналд Трамп во текот на септември. Тие се наоѓаа на три моторни чамци за кои администрацијата на Трамп тврди дека транспортирале дрога од Венецуела. Можеби и било така. Сепак, администрацијата не презентираше никакви докази за своите тврдења. И дури и ако обвинувањата се точни, уништувањето на чамците претставува незаконска употреба на смртоносна сила.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На социјалните мрежи Трамп ја уверуваше јавноста дека убиените лица не биле само дилери на дрога, туку и „наркотерористи“ и членови на криминалната банда Трен де Арагва, за која кажа дека е под контрола на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, коментира Њујорк тајмс.

„Картелите ја загрозуваат националната безбедност“

Воената сила, според Трамп, е оправдана како форма на самоодбрана затоа што картелите „ја загрозуваат американската национална безбедност“, а помошниците на претседателот ветија дека ќе продолжат со нападите. Тоа оправдување за самоодбрана изгледа особено слабо откако Тајмс објави дека првиот од трите чамци се оддалечувал Соединетите Држави пред да биде уништен.

Со овие напади Трамп нареди егзекуција без судење на луѓе кои не се во војна со Соединетите Американски Држави во која било традиционална смисла на зборот и кои можеби дури и не го сториле злосторството за кое ги обвини.

Тоа е кршење на правната постапка што треба да ги загрижи сите Американци. Тоа е дури и поекстремно од неговата политика за испраќање мигранти во бруталниот затвор во Ел Салвадор, врз основа на сомнителни тврдења дека се членови на Трено де Арагва и без никаква можност да ги оспорат тврдењата на владата.

Соединетите Американски Држави, настанати како противење на монархијата, никогаш не треба да станат земја каде што претседателот може да нареди неограничено затворање или еднострано убивање на луѓе само затоа што ги прогласил за криминалци.

Шверцот со дрога е сериозен проблем. Синтетичките опиоиди убиле повеќе од 800.000 Американци во 21 век. Би било сосема разумно администрацијата на Трамп да го зголеми надзорот во водите околу САД, како што направи со копнената границат. Но, постојат законски начини да се направи тоа без да се оди толку далеку и да се убиваат луѓе врз основа на сомневања, никогаш јавно оправдани, дека нивните чамци шверцуваат дрога.

Крајбрежната стража спроведува полициски операции

До последните неколку недели во вакви случаи стандардна практика беше крајбрежната стража да ги пресретнува бродовите, да ја запленува дрогата, да ги апси членовите на екипажот и да ги процесира. Потоа тие имаат можност да се бранат пред евентуално да бидат осудени и казнети.

Федералниот закон, првпат донесен во 1949 година и изменет неколку пати оттогаш, утврдува дека само крајбрежната стража, а не воената морнарица, специјалните сили или кој било друг род на вооружените сили, има право да спроведува полициски операции на отворено море.

Американската администрација понуди неколку нејасни и неубедливи оправдувања за своите постапки. Прво, таа посочи дека Законот за крајбрежна стража не се применува бидејќи Трамп одредени наркокартели означил како терористички организации.

Во рамки на овластувањата за војна против тероризмот донесени по нападите од 11 септември 2001 година, војската навистина може да дејствува против луѓе кои се сметаат за терористи, но само оние поврзани со нападите од 2001 година.

Американската влада тврди дека Мадуро му наредил на картелот Трена де Арагуа да ги нападне САД, правејќи ја ситуацијата воена. Меѓутоа, дури и разузнавачките агенции во рамките на владата предводена од Трамп го отфрлија тврдењето дека Мадуро го контролира Трен де Арагва.

Оружени напади без конгресна дозвола

Двајца демократски сенатори поднесоа резолуција со која се повикува на прекин на оружените напади кои не се овластени од Конгресот, но републиканските лидери досега не изгледаат вознемирени од узурпацијата на моќта од страна на претседателот.

Всушност, републиканците во Конгресот разгледуваат закон кој Белата куќа го пушти во оптек, кој конкретно би му дал на Трамп овластување да води војна против сите трговци со дрога кои ги смета за терористи. Единствената предност на тој нацрт е што неговото постоење имплицитно признава дека тој сега нема таква моќ.

Во меѓувреме Трамп и високите претставници на администрацијата се обидуваат да ја прикријат незаконитоста на своите постапки со груб и недостоинствен мачоизам. „Наместо да го пресретнеме, по наредба на претседателот, го разнесовме. И тоа ќе се случи повторно“, кажа државниот секретар Марко Рубио: „Овој претседател не е некој што само зборува; тој дејствува.“

Потпретседателот Џеј Ди Венс напиша дека убивањето членови на картел е „највисоката и најдобра употреба на нашата војска“, а кога корисник на социјалните мрежи му кажа дека убивањето странски цивили без соодветна постапка е воено злосторство, Венс одговори: „Не ме интересира како го нарекувате тоа“.

Филипинскиот претседател како пример

Пример за вакво однесување би можел да биде филипинскиот претседател Родриго Дутерте, кого Трамп го пофали за наредбата за отворање оган врз уличните дилери на дрога без апсење или судење. Дутерте сега се соочува со судење пред Меѓународниот суд за злосторства против човештвото, обвинет дека наредил убиство на повеќе од 6.000 луѓе за кои се сомневал дека се дилери и корисници на дрога.

Трамп изрази восхит и кон Кина и Сингапур за брзата егзекуција на трговците со дрога. Бруталната репресија на трговијата со дрога може да биде ефикасна во намалувањето на дотокот на дрога во одредени околности.

Но истото важи и за многу други потенцијални политики што го кршат законот и основната моралност. Слободните земји засновани на владеењето на правото не пукаат или затвораат луѓе едноставно врз основа на обвинувања од владата за кршење на законот.

Најуспешните стратегии за намалување на употребата на дрога вклучуваат комбинација од спроведување на законот, превентивни мерки и програми за лекување. Администрацијата на Трамп, сепак, покажа мал интерес за намалување на злоупотребата на дрога.

Белата куќа се стреми значително да ги намали програмите дизајнирани да ја намалат таа побарувачка, вклучувајќи ги многу фалените напори за медицина за зависност и намалување на штетата, а го намалува и Медикејд, што ќе остави многу корисници без пристап до ефикасни програми за лекување. Овие програми помогнаа да се постигне пад од 26 отсто на смртните случаи од предозирање во 2024 година во споредба со претходната година.

Морална дамка врз американската нација

Трамп секогаш преферирал провокативни и честопати неефикасни прикази на моќ пред тивките, стабилни програми кои даваат резултати. Неговите напади на море се вклопуваат во вознемирувачкиот образец на користење на војската за решавање на проблемите во доменот на спроведувањето на законот.

Исто како што продолжува да ја испраќа Националната гарда во градовите во наводен обид да го намали уличниот криминал, така сака да создаде илузија за доминација врз трговијата со дрога, дури и ако неговите постапки прават мала разлика и дури и ако попат убива луѓе, виновни или не.

Цената на тоа е зголемениот број мртви тела на безимени странски државјани кои не можат да се одбранат од напади. Тоа е морална дамка врз американската нација, заклучува Њујорк тајмс во својот коментар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ