среда, 18 февруари 2026

Њујорк тајмс: Трамповата година на преговори најсмртоносна за цивилите во Украина

Претседателот Трамп за време на својата кампања повеќепати ветуваше дека ќе ја заврши војната во Украина за еден ден.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Но, според повеќето показатели, војната за Украинците се влошила откако Трамп се врати во Белата куќа, а не се подобрила, пишува Њујорк тајмс. Во 2025 година биле убиени и ранети повеќе цивили отколку во претходната година. Повеќе ракети и дронови ги погодуваат центрите на градовите. Русија зазела повеќе територија во своите бавни напредувања во текот на 2025 година отколку во која било година од 2022, кога ја започна својата инвазија. Москва практично ја уништи украинската електроенергетска мрежа за време на најострата зима во земјата во повеќе од една деценија.

„Беше тешка година — како поинаку да ја опишете?“, вели Олександр Полишчук, чија сопруга била една од 13-те луѓе убиени кога ракета удрила во нивната станбена зграда во украинската престолнина Киев во април. „Гранатираат, а мораш да одиш на работа, да ги решаваш домашните работи, нема струја, нема греење. Мислам дека беше многу тешко, крајно тешко.“

По преземањето на функцијата во јануари 2025 година, Трамп го прекина дотогашниот американски пристап кон војната и се доближи кон претседателот Владимир В. Путин од Русија, агресорот во конфликтот и отворен противник на Западот, додека ги дистанцираше Соединетите Држави од Украина. Американската помош за Украина во 2025 година падна за 99 проценти во споредба со претходната година, според Килскиот институт за светска економија, германски истражувачки центар. Трамп престана да му дава американско оружје на Киев, освен ако тој или неговите западни сојузници не платат за него.

Во исто време, Русија го зголеми сопственото производство на ракети, дронови, гранати и мини. Москва го користеше тоа оружје со голема брзина, делумно за да ја подобри својата позиција во разговорите што ги турка Трамп, кој не крие дека сака да биде заслужен за завршување на војната. Делегации од Русија, Украина и Соединетите Држави водат преговори во вторник и среда во Женева.

Откако се оддалечи од политиката на администрацијата на Бајден за изолирање на Путин, Трамп успеа да ги натера Русија и Украина да разговараат за условите за договор, вклучително и на директни средби во последните недели. Тој во голема мера ги остави настрана традиционалните дипломатски принципи за кои сметаше дека не донеле крај на војната, свртувајќи се кон преговарачи што ги гледа како искусни склучувачи на договори. Тој исто така воведе санкции што го намалија приходот од нафта што ја напојува руската воена машина.

Но Путин со месеци ги одолжуваше преговорите, користејќи ги за да купи време и да продолжи со нападите. Една година од вториот мандат на Трамп и речиси четири години по почетокот на руската инвазија, Путин не покажува отстапување од своите цели да заземе повеќе украинска територија и да наметне руска доминација.

Белата куќа не одговорила на барањето за коментар за написот на Њујорк тајмс.

Трамп призна дека војната е многу потешка за решавање отколку што мислел. Украинските официјални лица тврдат дека американскиот претседател би морал да преземе посилни мерки за Путин да го промени својот став.

Силата е квалитет што Трамп го цени над повеќето други. Тој тврди дека Путин го „почитува“ на начин на кој не ги почитувал претходните американски администрации, што според него му дава предност. Трамп повеќепати изјави дека војната никогаш не би се случила ако тој бил претседател кога започнала целосната инвазија во 2022 година.

Но Трамп покажува почит кон Путин што сигурно не останало незабележано кај лидерот на Кремљ. Тој ја нарече својата врска со Путин „фантастична“ и повеќепати рече дека Путин „сака мир“. Трамп понекогаш ги прифаќал и руските верзии на историјата, вклучително и обвинувајќи го претседателот Володимир Зеленски дека ја започнал војната.

Освен повремената јавна критика и санкциите врз нафтата, Путин во голема мера ги избегна заканите на Трамп. Во јули, Трамп рече дека ќе ѝ даде на Русија „околу 10 или 12 дена“ да ја заврши војната пред да воведе нови санкции. Потоа најави самит со Путин во Алјаска и рокот помина. Еден месец подоцна повторно се закани со „масивни санкции“. Но истовремено на новинарите им покажа фотографија што Путин му ја испратил од нив двајца на Алјаска и ја нарече знак на чест и почит.

Во меѓувреме, нападите на Москва нанесуваа сè поголем данок врз Украинците. Во 2025 година Русија уби повеќе од 2.500 украински цивили, повеќе отколку во која било година од 2022 и за 20 проценти повеќе отколку во 2024, според статистиката на Обединетите нации. Русија испрати повеќе од 53.000 далекусежни дронови кон цивилни цели во Украина во 2025 година, речиси пет пати повеќе отколку во 2024, според база на податоци создадена од Њујорк тајмс користејќи бројки од украинските воздухопловни сили.

Москва сè почесто ги гаѓа центрите на градовите со балистички ракети, кои се движат толку брзо што системите за противвоздушна одбрана тешко ги пресретнуваат. Русија оваа година лансирала 154 такви ракети кон Украина, според податоците, околу трипати повеќе отколку во истиот период минатата година.

Украинската активистка за човекови права Олександра Матвијчук изјави дека човечката цена на војната е занемарена во мировните разговори, бидејќи администрацијата на Трамп ги третира преговорите како бизнис-договор за недвижности што би ја поделил Украина и нејзините природни ресурси. Да ја водат американската делегација Трамп избра инвеститори во недвижности што се лично поврзани со него.

„За Путин нема граници, бидејќи човечката димензија не е приоритет во овие преговори“, вели Матвијчук. „Политичарите разговараат за природни минерали, за територијалните интереси на Русија, дури и за визијата на Путин за украинската историја, но воопшто не зборуваат за луѓето.“

Овој месец Матвијчук, која раководи со организација што ја доби Нобеловата награда за мир во 2022 година за документирање воени злосторства на Москва, постави прашање на Фејсбук: „Зошто Трамповата година на преговори беше најсмртоносна за цивилите во Украина од целосната инвазија?“

Објавата доби илјадници реакции. Една жена алудираше на желбата на Трамп за сопствена Нобелова награда, прашувајќи дали би ѝ бил попосветен на Украина ако таа му ја даде својата награда.

Многу Украинци, сепак, го гледаат Трамп како посветен само на себе и се плашат дека во брзањето да ја заврши војната ќе ѝ наметне неправеден мир на Украина.

Европските сојузници на Украина изјавија дека Русија не смее да биде наградена за својата агресија. Но планот за мир од 28 точки, составен кон крајот на минатата година од американски и руски пратеници, за Украина изгледаше како барање за предавање. Украинските преговарачи се обидоа да ги ублажат неговите одредби, а дипломатската игра продолжува со месеци.

Зеленски јавно се пожали дека администрацијата на Трамп врши поголем притисок врз Украина отколку врз Русија да прави отстапки.

„Американците често се враќаат на темата на отстапки, и премногу често тие отстапки се дискутираат само во контекст на Украина, а не на Русија,“ рече Зеленски во саботата на Минхенската безбедносна конференција.

Додека Украинците минуваат низ сурова зима со руски напади, малкумина во земјата мислат дека Путин во скоро време ќе се согласи да престане да се бори.

Русија ја разурна украинската електроенергетска мрежа со постојани напади пред првите трилатерални разговори од војната, одржани на 23 и 24 јануари во Обединетите Арапски Емирати. На 3 февруари, ден пред разговорите да продолжат, Русија испрати рекорден број балистички ракети кон Киев, вклучително најмалку пет кон електрани.

Луѓето во престолнината во последните недели преживуваат со само два часа струја и греење дневно.

Многу фирми едвај преживуваа зимава, вклучително и едно кафуле што порано се викало Трамп пица стејшн. Сопственикот го сменил името откако Трамп го нападна Зеленски во Белата куќа пред речиси една година, одлучувајќи се за новото име Нолан.

Јулија Балиоса, 18-годишна шанкерка таму, вели дека клиентите престанале да доаѓаат бидејќи повеќе не оделе во блиските канцеларии или на локалниот универзитет. Генераторот бил скап. Еден неодамнешен работен ден кафулето Нолан немало речиси никаква храна за време на ручекот: немало пица, немало бургери, ништо топло.

„Практично е невозможно да се живее“, вели Балиоса. „Само се преживува, реално. Луѓето станаа многу лути. Многу.“

Името Нолан значи благороден, инспирација за сопственикот на кафулето. Нолан „не ја разубавува реалноста и не претерува“, објави кафулето кога повторно се отвори. Но минатата недела ги затвори вратите засекогаш.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ