Еден ден во октомври 2011 година Џефри Епстајн влегол во зградата на адресата Парк авенија број 270 на Менхетн. Облакодерот бил седиштето на ЏП Морган Чејс, веројатно најпрестижната банка во светот. Сексуалниот престапник, кој едвај една година пред тоа беше во домашен притвор откако отслужи 13 месеци во затвор на Флорида, се качил на горниот кат, каде што имаа канцеларии Џејми Димон, главниот извршен директор на банката, и неговите најблиски соработници.
Епстајн долго време бил ценет клиент во ЏПМорган, со повеќе од 200 милиони долари на сметките. Тој генерирал милиони долари приходи за банката и му помогна на ЏП Морган да направи важна аквизиција. Тој ги запознал директорите со луѓе што ќе станат профитабилни клиенти, како што се ко-основачот на Гугл, Сергеј Брин, и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пишува Њујорк тајмс.
Но сѐ поголема група вработени биле загрижени дека поврзаноста на ЏП Морган со човекот што се изјасни за виновен за сексуални злосторства и беше под истрага за трговија со луѓе може да му наштети на угледот на банката. Исто така, аналитичарите забележале дека Епстајн речиси секој месец повлекува десетици илјади долари во готово. Ова биле знаци што укажувале на нелегални активности.
Главен бранител на Епстајн во банката беше Џес Стејли, водечкиот кандидат еден ден да го наследи Димон како извршен директор. По барање на Епстајн, ЏП Морган отвори сметки на кои префрли огромни суми пари за млади жени што се покажаа како жртви на неговите операции за трговија со луѓе.
Злосторствата на Епстајн се опширно документирани, а елементи од врската на ЏП Морган со него станаа јавни преку судски постапки во САД и Велика Британија. Банкарските службеници повеќе од една деценија се загрижени поради Епстајновите банкарски трансфери и подигнувања готовина.
ЏП Морган обработила повеќе од милијарда долари такви трансакции за него и предупредувала за неговите сомнителни активности. Но во најмалку четири наврати во текот на пет години, банкарските директори ги отфрлиле приговорите и продолжиле да работат со Епстајн.
Приказната за односот на ЏП Морган со Епстајн започнува кон крајот на 90-тите години на Менхетн. Стејли се приклучил во ЏП Морган во 1979 година откако дипломирал економија. Од 1999 година, тој го водел одделот за приватно банкарство на ЏП Морган, кој им служел на ултрабогатите клиенти. Отприлика во тоа време, Стејли го посетил Епстајн во неговата канцеларија на Менхетн. Тоа бил почетокот на едно долго пријателство.
Епстајн бил на пат да стане еден од најважните клиенти на ЏП Морган. Внатрешен извештај од 2003 година покажува дека платил повеќе од осум милиони долари за банкарски такси. Но извештајот превидува нешто сериозно. Истата година, Епстајн подигнал повеќе од 175.000 долари во готово. Истражителите подоцна откриле дека Епстајн таа година речиси точно толку им платил на жените.
Сепак, ЏП Морган наскоро отворила сметки не само за Епстајн, туку и за неговите компании, вклучувајќи ја и онаа што го управуваше неговиот приватен остров Литл Сент Џејмс. Банката, исто така, го поддржа Епстајн да му помогне на Французинот Жан-Лук Брунел да ја лансира агенцијата за модели МЦ2. ЏП Морган на крај ќе отвори најмалку 134 сметки за Епстајн, неговите компании и неговите соработници.
На островот Епстајн ги принудувал тинејџерките и младите жени на голи масажи и сексуални односи. Некои од малолетните жртви на Епстајн рекоа дека МЦ2 ги намамила во САД со ветување за платена работа како модел.

До 2005 година, злоупотребата на млади жени и девојки од страна на Епстајн го привлече вниманието на органите за спроведување на законот. Во март 2005 година родителите на 14-годишно девојче поднесоа жалба до полицијата во Палм Бич, Флорида, тврдејќи дека Епстајн ја злоставувал. Полицијата отвори истрага и наскоро и други тинејџерки споделија слични приказни за злоупотреба.
Масовните подигнувања готовина од страна на Епстајн продолжиле, достигнувајќи вкупен износ од повеќе од 1,7 милиони долари во 2004 и 2005 година. Некои од подигнувањата се случиле во филијалата на банката во седиштето на ЏП Морган на Парк авенија, каде што сметководителот на Епстајн редовно доаѓал да реализира чекови од различните сметки на Епстајн.
По барање на Епстајн, банката се согласила да отвори сметки и за две млади жени без да разговара со ниту една од нив. Наместо тоа, еден потрчко на Епстајн дал минимални информации, а ЏП Морган не можел ниту да го потврди бројот на социјалното осигурување на една жена.
Дури кога Епстајн беше уапсен во јули 2006 година и обвинет за барање проституција од малолетничка, ЏП Морган почнала да обрнува поголемо внимание. Околу тоа време, Министерството за правда обвини друг клиент на банката, актерот Весли Снајпс, за даночна измама.
ЏП Морган брзо го исфрлила Снајпс од банката. Но обвинението за сексуален криминал на Флорида против Епстајн, во комбинација со веста дека Министерството за правда отворило сопствена истрага за неговите активности, не довело до сличен исход.
Во 2008 година ситуацијата повторно изгледала неодржлива. Повеќе жртви го тужеа Епстајн за сексуален напад, а валканите детали во судските поднесоци го привлекоа вниманието на челниците на ЏП Морган. Потоа, во јуни, Епстајн се изјасни за виновен за барање секс од малолетничка и беше осуден на 18 месеци затвор во округот Палм Бич. Тој сега беше осуден сексуален престапник.

Стејли подоцна под заклетва сведочеше дека го предупредил Димон за Епстајновото признавање вина. Стејли не ја криел желбата да го задржи својот блескав клиент, па Епстајн го задржал својот статус во банката. Сепак, во своето сведочење, Димон рече дека не се сеќава дека знаел нешто за Епстајн до 2019 година.
Без оглед на тоа кој ја донел одлуката, Епстајн останал клиент дури и за време на неговата затворска казна, а ЏП Морган продолжил да испраќа пари од неговите сметки до банки во Русија и Источна Европа, каде што во неговата мрежа за трговија со луѓе биле вовлечени млади жени.
Сето тоа време Стејли редовно комуницирал со пријателот. Епстајн беше мајстор за манипулација, кој понекогаш преувеличувал или лажел за својот пристап и моќ. Во секој случај, нема сомнение дека Стејли и барем некои од неговите колеги му верувале на Епстајн.
Додека Епстајн беше во домашен притвор во ноември 2009 година, Стејли го посетил на неговиот раскошен ранч Зоро во Њу Мексико. Младите жени подоцна го обвинија Епстајн за силување и трговија со луѓе токму на тој ранч. Стејли му испратил имејл на Епстајн сркајќи бело вино во џакузи: „Следниот пат, тука сме заедно. Ти должам многу.“ Други мејлови биле преполни со очигледни сексуални референци.
Од: Џес Стејли
До: Џефри Епстајн
Subject:Re:
Беше забавно. Поздрави ја Снежана.
Од: Џефри Епстајн
До: Џес Стејли
Subject:Re:
Кој лик го сакаш следниот пат?
Од: Џес Стејли
До: Џефри Епстајн
Subject:Re:
Убавицата и ѕверот…
Кон крајот на 2010 година, ЏП Морган одобрил дополнителни 50 милиони долари кредит за да го олесни Епстајновото тргување на пазарот. Дотогаш, тој имал околу 212 милиони долари во банка, речиси половина од неговата проценета нето-вредност. Сепак, почнале да тлеат нови грижи.
Одделот за борба против перење пари на ЏП Морган дознал од медиумските извештаи дека Министерството за правда истражува дали агенцијата на Французинот Брунел МЦ2 носела девојки и жени од Источна Европа во Епстајновиот сомнителен синџир на трговија со луѓе.
Плус, тука биле редовните банкарски трансфери на Епстајн, кредитните картички и банкарските сметки што барал да се отворат за тинејџерки и млади жени и неговите обемни подигнувања готовина. Вработените во одделот за борба против перење пари се „буделе“, дури и ако не го сфаќале значењето на она што го гледале. „Чичко-спонзор!“ извикал еден откако забележал дека Епстајн ѝ испратил околу 450.000 долари на 18-годишна девојка.
Од:
До: Вилијам Д. Лангфорд
Subject: Џефри Епстајн
Една се споменува во голем број од резимеата на авантурите како доброволна учесничка и асистентка при угостувањето посетители. Таа од Епстајн добила околу 450.000 од отворањето… Доброволната учесничка имала неколку симпатични дебитни трошоци и троши многу пари во спа-центри. Тој им има плаќано и на други девојки, на многу модели, но не огромни суми. Чичко спонзор!
Главниот директор за усогласеност на банката, Вилијам Лангфорд, бил особено вознемирен. „Немам нерви за ова“, му напишал тој на колега во имејл.
По барање на Лангфорд и други раководители, Стејли го прашал Епстајн дали е вмешан во трговија со луѓе. Според интерна банкарска белешка, Епстајн одговорил дека „нема вистина во овие обвинувања“ и дека „не очекува никакви проблеми“ од органите за спроведување на законот. Се чинело дека Стејли му верува.
Лангфорд сега имал избор. Можел да крене тревога за Епстајн со тоа што ќе разговара со Димон, ќе разговара со одборот на банката и ќе врши притисок врз Стејли. Но тој во својот исказ рече дека не направил ништо од ова.
Во почетокот на 2011 година, главниот правен директор на банката, Стивен Катлер, напишал во мејл до раководителите на ЏП Морган: „Тој не е чесен човек. Не треба да ни биде клиент.“ Стејли, сепак, инсистирал дека односот е безбеден. Ако на Епстајн му веруваат милијардери и премиери, може и ЏП Морган. Освен тоа, тоа било прашање на праведност. Епстајн ја отслужил својата казна. Тој заслужува втора шанса, тврдел Стејли.
Околу тоа време, Катлер дознал и дека Епстајн е класифициран како сексуален престапник од ниво 3, што значи дека постои висок ризик да извршува дополнителни кривични дела. Сепак, и покрај своите сомнежи, Катлер не инсистирал на негово исклучување.

Деновите на Епстајн во банката конечно биле изброени во 2013 година. Федералните банкарски регулатори поднеле обвиненија против ЏП Морган за пропусти во спречувањето на перење пари. Таа есен Епстајн почнал да ги префрла своите 176 милиони долари од ЏП Морган во Дојче банк. Но ЏП Морган не бил спремен целосно да ги прекине врските со Епстајн. Тој останал во редовен контакт со Нелсон, својот личен банкар.
Во летото 2019 година Епстајн беше уапсен, а федералните обвинители го обвинија за трговија со луѓе; подоцна изврши самоубиство во својата затворска ќелија. ЏП Морган почна со „средување на штетата“. На крајот од годината, банката поднесе извештај до федералните регулатори велејќи дека ретроактивно означила околу 4.700 трансакции на Епстајн, во вкупна вредност од повеќе од 1,1 милијарда долари, како сомнителни.
Во 2023 година ЏП Морган плати 290 милиони долари за спогодба за тужба поднесена од околу 200 жртви на Епстајн и уште 75 милиони долари за да реши поврзана тужба поднесена од Американските Девствени Острови.
Банката таа година оствари профит од над 50 милијарди долари. Ниеден регулатор не презеде мерки против ЏП Морган. Ниеден вработен не ја загуби работата. Димон останува еден од најмоќните банкари во светот.
Очигледната неказнивост ја вознемирила Бриџит Кар, професорка по право и експерт за трговија со луѓе, која Американските Девствени Острови ја ангажирале по смртта на Епстајн за да ја анализира улогата на ЏП Морган. Кар заклучила дека банката ги овозможила неговите злосторства. „Длабоко сум загрижена што крајната порака до другите финансиски институции е дека тие можат да продолжат да им служат на трговците со луѓе“, рекла таа за Њујорк тајмс. „Сè уште е профитабилно да се прави тоа, со оглед на недостигот од значителни последици“.






