Целта била да се постави електронски уред што ќе им овозможи на САД да ги пресретнат комуникациите на таинствениот лидер на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, за време на разговорите на високо ниво со претседателот Трамп.
Мисијата имала потенцијал да им обезбеди на Соединетите Американски Држави вредни разузнавачки информации. Но тоа значело да се испратат американски командоси на севернокорејско тло – потег што, доколку бил откриен, не само што можел да ги потопи преговорите, туку можел да доведе и до заложничка криза или ескалација на конфликтот со нуклеарно вооружениот непријател.
Било толку ризично што било потребно директно одобрение од претседателот.
Повикувајќи се на неименувани извори, Њујорк тајмс објави дека Доналд Трамп ја одобрил операцијата за време на неговиот прв мандат, додека ги водеше историските разговори со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
За операцијата војската го избрала Црвениот ескадрон на Тимот 6 – истата единица што го уби Осама бин Ладен. Вежбале со месеци, свесни дека секое движење треба да биде совршено. Но кога таа ноќ стигнале до она што го сметале за пуст брег, облечени во црни мокри одела и очила за ноќно гледање, мисијата брзо тргнала наопаку, вели ЊТ.
Од мракот се појавил севернокорејски брод, цивили што наводно нуркале во потрага по школки. Плашејќи се дека ги забележале, командосите отвориле оган. За неколку секунди, сите на севернокорејскиот брод биле мртви.
Командосите се повлекле во морето без да го постават уредот за прислушување.
Неколку од изворите на Њујорк тајмс рекле дека ги кажуваат деталите на мисијата бидејќи се загрижени дека неуспесите во специјалните операции честопати се кријат како владина тајна. Доколку јавноста и политичарите дознаваат само за сензационалните успеси, како што е рацијата во која беше убиен Бин Ладен во Пакистан, тие може да ги потценат екстремните ризици што ги преземаат американските сили.
Пентагон подоцна соопшти дека убиствата на севернокорејските рибари биле оправдани и во согласност со прописите на службата.
Операцијата од 2019 година никогаш не беше јавно признаена, па дури ни навестена, од страна на САД или Северна Кореја. Деталите остануваат тајни и Њујорк тајмс ги објавува првпат. Администрацијата на Трамп не ги известила клучните членови на Конгресот што ги надгледуваат разузнавачките операции, ниту пред ниту по мисијата. Неизвестувањето можеби претставувало прекршување на законот, вели ЊТ.
Од последниот самит Трамп-Ким во 2019 година, преговорите пропаднаа, а Северна Кореја продолжи да ги развива своите програми за нуклеарно оружје и балистички ракети.






