Сите тие државјанството го стекнале со посебна одлука на владата на Србија со објаснување дека е „во национален интерес“ на Србија, што им овозможило да ги заобиколат ограничувањата во патувањата наметнати од Европската Унија и други западни земји.
КРИК потсетува дека од почетокот на конфликтот во Украина во 2022 година на руските државјани им беше прилично отежнато патувањето во ЕУ и други држави, но одделни влијателни Руси нашле начин да добијат странски пасоши, а за многумина токму рускиот пасош бил особено привлечен.
За тие лица, според КРИК, патот до српско државјанство бил исклучително едноставен, иако не ги исполнувале условите пропишани со закон. Владите предводени од Ана Брнабиќ и по неа Милош Вучевиќ доделувале државјанства надвор од вообичаената постапка, повикувајќи се на одредба од законот која овозможува исклучоци „во национален интерес“.
Иван Сибириев, чија компанија Р-строј ги обновува градовите разурнати од војната во Украина добил српско државјанство со специјална одлука на Ана Брнабиќ, иако компанијата му е под санкции на ЕУ.
Виктор Шендрик, поранешен специјалец на ФСБ и шеф на обезбедувањето на руските олигарси Аркадиј и Борис Ротенберг, исто така стекнал српско државјанство. Шендрик е познат и како спонзор на навивачката дивизија Еспањола која учествува во војната во Украина.
Дмитриј Сергеев, близок пријател на син на истакнатиот генерал на ФСБ Николај Патрушев, исто така добил српско државјанство со специјална одлука.
Истражувањето открива дека од почетокот на 2022 до април 2025 дури 204 руски државјани добиле српски пасош надвор од вообичаената процедура. Ним не им било потребно да ги исполнуваат стандардните услови како живеење во Србија или откажување од претходното државјанство. Меѓу нив има припадници на политичката елита на Кремљ, агенти на ФСБ, претставници на воената индустрија и бројни бизнисмени.