НИС покрива околу 80 проценти од пазарот на горива, учествува со околу десет проценти во буџетот на Србија и со речиси четири проценти во БДП.
„Меѓу Москва и Белград владее ледена доба“, пишува германскиот лист Франкфуртер алгемајне цајтунг.
Како што се додава, тоа е последица на американските санкции и можната национализација на Нафтената индустрија на Србија (НИС) – најзначајната руска инвестиција во земјата. Рафинеријата во Панчево е пред гасење.
„Колку што може да се процени однадвор, точна е изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека српската влада сторила сè што е во нејзина моќ за да ја мотивира Русија на прагматично решение и фер излез“, оценува новинарот Михаел Мартенс во статијата.
Тој потсетува дека Вучиќ десетина пати рекол дека, пред евентуалната национализација, ќе ги исцрпи сите други решенија.
Истовремено, како што се додава во текстот, носителите на власта во Белград појасниле дека нема да дозволат слом во снабдувањето на земјата со нафта. Ако дојде до преземање на НИС, тие ќе платат цена над пазарната за да им покажат на инвеститорите дека нивниот имот е сигурен во Србија.
„Но Русија, која во Србија често се означува како големиот словенски брат, очигледно го блокирала секој предлог од Белград за прагматично решение. Кремљ не сака да ја загуби својата најважна економска, а пред сè политичка инвестиција во Србија“, пишува Мартенс.
Вучиќ му е лут на Кремљ
Се додава дека НИС покрива околу 80 проценти од пазарот на горива, учествува со околу десет проценти во буџетот на земјата и со речиси четири проценти во БДП.
„Поважно е што НИС дел од добивката инвестира во Србија за преку медиуми и други методи да купува влијание“, оценува Франкфуртер алгемајне.
Како што се наведува, примерот од Бугарија покажува дека Москва не може да го спречи неизбежното – таму официјална Софија ја наметна управата во најголемата рафинерија во Бургас, во сопственост на руски Лукоил.
„Како што се слуша, Русија во моментов зад кулисите ѝ се заканува на Србија дека повеќе нема да испорачува гас доколку НИС биде присилно национализиран. Тоа можеби е блеф, но, разбирливо, никој во Белград не може да се потпре на тоа“, пишува франкфуртскиот дневен весник.
Се потсетува дека Вучиќ во октомври јавно изразил разочарување што Русија го продолжила договорот за испорака на гас само до крајот на годинава.
„Во последните недели тој повеќепати јавно се изјасни толку критички кон Русија, што пред само неколку месеци беше незамисливо. Познавачите на состојбите тврдат дека зад затворени врати уште појасно му дава одушка на својот гнев кон Кремљ“, пишува листот.
Закани над Србија
Решение сè уште се бара, додека се надвиснати и американските секундарни санкции – кон банкарскиот сектор, ако соработува со НИС.
Покрај тоа, се додава во текстот, се заканува раст на цените на бензинот и дизелот, а со тоа и раст на инфлацијата и негативни последици за Србија како место за инвестиции.
Опишувајќи како министерот за финансии Мали и министерката за енергетика Ѓедовиќ Хандановиќ биле многу критични кон Русија, Франкфуртер алгемајне ги наведува зборовите на свој извор, кој го опишува како „една не баш неважна личност во Белград“:
„Србија долго не им се приклучи на санкциите против Русија – а за возврат нашата земја се уценува со запирање на дотокот на гас. Баш ти фала, Русијо.“






