понеделник, 22 декември 2025

НИН: Најреалната опција е Србија да откупи дел од сопственоста на НИС од Русите

Проблемот со Нафтената индустрија на Србија (НИС), поради американските санкции, треба да биде решен најдоцна до Нова Година, а најреална опција е државата Србија да купи дел од 11,3 проценти од сопственоста на НИС, која моментално е во рацете на компанијата Интелиџенс, практично дел од компанијата Газпром, пишува неделникот НИН, повикувајќи се на свои наоди.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Бидејќи руските компании Интелиџенс и Газпром њефт моментално поседуваат вкупно 56,15 проценти од НИС (11,3 проценти и 44,85 проценти), таквата трансакција би ги направила Србија и малите акционери мнозински сопственици.

На овој модел во претходните месеци се противеше и руската страна, но се чини дека таа попуштила и се согласила на тоа, но со услов на Интелиџенс на Газпром да ѝ остане една акција, и во договорот за купопродажба да се вметне клаузула дека Русите имаат право да ја откупат кога еден ден ќе се смири ситуацијата и ќе се укинат санкциите против руските компании.

Нова година како датум за конечно решение на проблемот се совпаѓа и со залихите од нафта и деривати кои ги имаат Србија и НИС, па затоа не би требало да има последици за работењето на рафинеријата во Панчево или за снабдувањето на пазарот со деривати, пишува НИН.

Помалку веројатна опција е преземање на управувањето со НИС од страна на Србија преку модел на лиценцирање, а најмалку веројатната би подразбирала брзо постигнување договор за мир во Украина.

НИН потсетува дека оваа недела разговараа делегација предводена од претседателот на Србија Александар Вучиќ и делегација предводена од претседателот на Управниот одбор на Газпром њефт Александар Ѓуков и заменик-министерот за енергетика на Русија Павел Сорокин.

Рускиот амбасадор во Србија Александар Боцан Харченко изјави дека Русија сака Србија да има „стабилно снабдување со гас, по најдобра можна цена“, и дека лично е убеден дека одлуката на Москва да го продолжи гасниот аранжман само до Нова Година е „донесена од комерцијални и технички причини и нема никаква врска со политиката“.

„Не разбирам зошто има толку голема загриженост и тензија околу времетраењето на договорот, како да постојат сомнежи дека Русија еден ден може да каже дека нема да биде продолжен“, кажа Боцан Харченко во интервју за дневникот Вечерње новости, негирајќи дека сегашната одлука претставува држење на Србија „на кратко јаже“.

Како што изјави, „постои договор и согласност на највисоко ниво, меѓу двајцата претседатели, дека снабдувањето ќе биде стабилно, непрекинато и по најповолна цена“ и додава: „Ова е договор од највисоко ниво и е долгорочен“.

Рускиот амбасадор кажа и дека граѓаните на Србија можат да бидат сигурни дека ќе има доволно гориво и енергија.

„Санкциите кои Вашингтон ги воведе против српската енергетска компанија НИС и кои стапија на сила во пресрет на нов бран протести во републиката, би можеле да претставуваат уште еден обид да се разниша Србија. Во исто време, не е исклучено наскоро да има нов бран протести во земјата“, кажа Боцан Харченко во интервју за телевизијата Русија 24, како што пренесува ТАСС.

Санкциите против НИС беа воведени од министерството за финансии на САД на почетокот на јануари 2025 година, но компанијата постојано добиваше одложувања на нивното спроведување. Санкциите стапија во сила на 8 октомври.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ