вторник, 24 февруари 2026

Нигерија им платила милиони на џихадистите за да ги ослободат грабнатите деца

Владата на Нигерија им исплатила на џихадистите на Боко харам откуп од повеќе милиони долари за да ослободат дури 230 деца и членови на персоналот киднапирани од католичко училиште во ноември, изјавија разузнавачки извори за Франс прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Двајца команданти на Боко харам беа исто така ослободени како дел од договорот во кој беа вклучени ученици од училиштето „Света Марија“ во државата Нигер, што е спротивно на националниот закон кој забранува исплати на киднапери. Нигериските владини претставници негираат дека платиле на вооружената група која киднапираше речиси 300 ученици и персонал од интернатот „Света Марија“ во централната држава Нигер на 21 ноември. Најмалку 50 од нив успеале да избегаат од своите киднапери.

Боко харам, кој води крвав бунт во североисточна Нигерија од 2009 година и е специјализиран за масовни киднапирања, не бил директно поврзан со ова киднапирање. Сепак, неколку безбедносни извори потврдиле за Франс прес дека еден од нивните најстрашни команданти е одговорен. Станува збор за џихадистот Садику, кој предводи вооружена група во државата Нигер.

Учениците и персоналот на училиштето беа ослободени по две недели преговори предводени од Нуху Рибаду, советник за национална безбедност на Нигерија, но владата тврди дека не е платен откуп. Како одговор на барањата на Франс прес нигериските безбедносни служби категорично ја негирале исплатата, тврдејќи дека владините агенти не плаќаат откуп.

Сепак, четири извори блиски до преговорите изјавиле за Франс прес дека владата платила многу висок откуп за да го обезбеди ослободувањето на учениците и персоналот. Еден извор ја навел бројката на 40 милиони наири по лице, што е вкупно околу седум милиони долари. Друг извор навел помал износ, поточно две милијарди наири (1,5 милиони долари).

Парите биле пренесени со хеликоптер до упориштето на Боко харам во Гвоза, во државата Борно на североистокот од земјата, по должината на границата со Камерун, и предадени на Али Нгулде, џихадистичкиот командант во тој регион, изјавиле три извори за француската агенција.

Земјата долго време се мачи со масовни киднапирања во кои вооружени банди, локални бандити, и џихадистички групи понекогаш се здружуваат за да изнудат милиони од семејствата на заложниците, а властите се немоќни да ги спречат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ