сабота, 31 мај 2025

Неуспешен и осмиот обид за конституирање на косовското собрание

Деветтиот состав на собранието на Косово не е конституиран ни денес бидејќи не е избран претседател на тоа тело на предлог на победничката партија на февруарските избори – движењето Самоопределување.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Конститутивната седница почна на 15 април, но денес беше прекината по осми пат поради несогласувањето на парламентарните партии околу третата точка на дневниот ред, изборот на претседател на собранието.

Победничката партија на изборите, во овој случај Самоопределување, има ексклузивно право да предложи кандидат за претседател на собранието. Меѓутоа, најголемите албански опозициски партии не ја прифаќаат нивната кандидатка, Аљбулена Хаџиу туку бараат да предложат некој друг, што од Самоопределување одбиваат да го направат.

Хаџиу денес доби 54 гласа „за“, додека на претходните седници имаше 57 пратенички гласови.

Од Самоопределување порачаа дека не сакаат нови избори, но дека се спремни да одат на ново гласање доколку тоа е единствената опција за излез од моменталната ситуација.

Самоопределување има 48 пратеници, па следат демократската партија на Косово со 24 пратеници, Демократскиот сојуз на Косово со 20, Алијанса за иднина на Косово и Социјалдемократска иницијатива со по осум мандати. Малцинските заедници во косовското собрание имаат загарантирани 20 пратенички места, од кои десет ѝ припаѓаат на српската заедница.

Демократската партија на Косово и Алијанса за иднина на Косово сметаат дека Аљбулена Хаџиу е „контроверзна фигура“, додека Демократскиот сојуз на Косово соопшти дека нема да поддржи ниеден кандидат предложен од Самоопределување.

Додека не се конституира собранието, не може да се отвори патот ни за формирање нова влада на Косово.

Европската Унија порача дека Косово мора брзо да формира нови институции, а на деблокада повикаа и амбасадори на западните земји.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ