„Ги протеравме терористите од нашата територија, насилно влеговме во Појасот Газа, елиминиравме десетици илјади терористи и го елиминиравме Мохамед Синвар“, изјави Нетанјаху за време на седницата на парламентот.
Израелската војска објави дека на 13 мај нападнала „команден и контролен центар на Хамас лоциран во подземен објект, под Европската болница во Кан Јунис“, во јужниот дел на Појасот Газа.
Според израелските медиуми, цел на тој напад бил Мохамед Синвар, брат на Јахја Синвар, поранешниот врховен лидер на Хамас, кој беше убиен од израелската армија во октомври 2024 година во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа.
Јахја Синвар се смета за главен архитект на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Газа. Според експертите за исламистичкото движење, Мохамед Синвар го предводел вооруженото крило на Хамас, бригадите Ал Касам.
По смртта на неколку лидери на Хамас во текот на изминатите 19 месеци, експертите веруваат дека Мохамед Синвар влијаел врз одлуките во индиректните преговори со Израел, како и врз одлуките за прашањето на израелските заложници и управувањето со военото крило на Хамас.
Хамас сè уште не реагираше на изјавата на Нетанјаху.