среда, 28 мај 2025

Нетанјаху го зацрта патот за окупација на Газа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека проширената офанзива против палестинската милитантна група Хамас ќе биде „интензивна“, откако неговиот воен кабинет ги одобри плановите кои би можеле да вклучуваат заземање на Појасот Газа и контрола на хуманитарната помош.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Меѓутоа, израелски воен функционер изјави дека операцијата нема да почне пред американскиот претседател Доналд Трамп да ја заврши својата посета на Блискиот Исток следната недела.

Одлуката, по неколкунеделни напори за постигнување примирје со Хамас, ја нагласува заканата дека војната, која го зголемува меѓународниот притисок врз Израел во услови на намалена поддршка дома, би можела да продолжи без крај на повидок.

Според извештајот на израелскиот јавен сервис Кан, кој се повикува на функционери запознаени со деталите, новиот план се спроведува постепено и ќе трае со месеци, при што силите првично ќе се фокусираат на една област од опустошената енклава.

Во видео порака, Нетанјаху кажа дека операцијата ќе биде „интензивна“ и дека ќе вклучува преселување на голем број Палестинци во Газа „за нивна сопствена безбедност“

Тој истакна дека израелските трупи нема да ги следат претходните тактики на краткорочни упади од страна на единици што дејствуваат надвор од Газа. „Намерата е спротивна“, рече тој, повторувајќи ги коментарите на други израелски функционери кои рекоа дека Израел ќе ја задржи територијата што ја освои.

Израелските трупи веќе окупираа област што сочинува околу една третина од Појасот Газа, го раселија населението таму и поставија набљудувачки пунктови и контролни пунктови на расчистените територии што војската ги опишува како безбедносни зони, но новиот план оди уште подалеку.

Еден израелски функционер изјави дека новата офанзива ќе ја опфати целата територија на Појасот Газа, ќе го премести цивилното население на југ и ќе спречи хуманитарна помош да стигне до Хамас.

Воениот претставник додал дека дистрибуцијата на помошта, која досега ја вршеа меѓународните хуманитарни организации и агенциите на Обединетите нации, ќе ја преземат приватни компании кои ќе дистрибуираат помош во јужната област Рафа по почетокот на офанзивата.

Израелската војска, која за време на војната не покажа желба да ја окупира Газа, одби да ги коментира изјавите на владини претставници и политичари.

Израел ја продолжи офанзивата во март по пропаѓањето на примирјето поддржано од САД, со кое беа прекинати борбите два месеци. Оттогаш тој воведе блокада на помошта за енклавата, што предизвика предупредувања од ОН и меѓународните организации дека 2,3 милиони луѓе се изложени на ризик од глад.

Воен претставник изјави дека Израел ќе одржува безбедносни зони по должината на границата со Газа бидејќи тие се клучни за заштита на израелските заедници во близина на енклавата. Сепак, тој додаде дека постои „прозорец на можности“ за договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците за време на посетата на Трамп на регионот следната недела.

„Доколку нема договор за заложниците, операцијата „Борбената кочија на Гидеон“ ќе започне со голем интензитет и нема да запре сè додека не се постигнат сите цели“, рече тој.

Претставникот на Хамас, Махмуд Мардави, го отфрли она што го нарече „притисок и уцена“.

„Нема друг договор освен сеопфатен, кој вклучува целосен прекин на огнот, целосно повлекување од Газа, обновување на Појасот Газа и ослободување на сите затвореници од двете страни“, рече тој.

Израел сè уште не претставил јасна визија за повоена Газа, по кампањата во која се расели поголемиот дел од нејзиното население и енклавата стана зависна од помошта што е сè поретка откако започна блокадата.

Министрите изјавија дека распределбата на помошта не може да им се остави на меѓународните организации кои, како што тврдат, му дозволуваат на Хамас да прима залихи наменети за цивилното население. Затоа, официјалните лица разгледуваа планови приватни изведувачи да ја преземат дистрибуцијата, преку она што ОН го опишува како израелски центри за испорака на помош.

Јан Егеланд, генерален секретар на Норвешкиот совет за бегалци, вчера на мрежата Икс напиша дека Израел бара од ОН и невладините организации да го затворат својот систем за дистрибуција на помош во Газа.

Одлуката за проширување на операцијата веднаш беше поздравена од израелските екстремни десничари во владата, кои долго време се залагаат за целосно преземање на Газа и трајно раселување на нејзиното население, во согласност со плановите „Ривиера“ презентирани од Трамп во февруари.

„Конечно ќе ја освоиме Газа. Повеќе не се плашиме од зборот „окупација““, рече министерот за финансии Безалел Смотрич.

Сепак, анкетите покажуваат дека израелската јавност сè повеќе сака да постигне договор за враќање на преостанатите 59 заложници кои сè уште се држат во Газа, а пред парламентот имаше насобрано десетици демонстранти со полиција.

„Сите семејства се исцрпени“, рече рабинот Чен, чиј син Итаи беше убиен во напад на Хамас на 7 октомври 2023 година. „Сите семејства се исплашени од овој нов маневар бидејќи нема гаранција дека ќе нè однесе таму каде што семејствата сакаат.“

Со оглед на заканите што Израел ги добива од хутите во Јемен, поддржани од Иран, кои испукаа ракета што падна во близина на аеродромот Бен Гурион во неделата, нестабилната Сирија во соседството и напнатата ситуација на окупираниот Западен Брег, капацитетот за долгорочни воени операции се соочува со сериозни ограничувања, проценува Ројтерс

Началникот на Генералштабот на израелската армија, генерал Ејал Замир, во неделата изјави дека армијата веќе започнала со испраќање десетици илјади повици за мобилизација на резервните сили.

Портпаролот на владата изјави дека резервните војници се повикуваат за проширување на операциите во Газа, а не за нејзино окупирање.

Замир, кој е на функцијата од март, се спротивстави на барањата на тврдокорните претставници на владата кои повикуваат на целосно замрзнување на помошта и им рече на министрите дека помошта мора да биде достапна наскоро, според извештајот на Кан.

Војната избувна по уппадот на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој, според израелските податоци, беа убиени 1.200 луѓе, претежно цивили, додека 251 лице беше земено како заложник во Газа.

Израелската копнена и воздушна кампања оттогаш уби повеќе од 52.000 Палестинци, главно цивили, а голем дел од Газа е претворен во урнатини.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ