„Иран работи на складирање нуклеарни бомби и ќе може да му се заканува на целиот свет кога и да посака. Ако падне Израел, целиот Блиски Исток ќе падне во негови раце, но ние нема да паднеме. Ќе победиме, а целиот свет ќе стане подобро место“, рече Нетанјаху во говорот на отворањето на зимската седница на Кнесетот. Тој истакна дека Израел погодил клучни ирански цели за време на воздушните напади во саботата.
„Сериозно ги оштетивме одбранбените системи на Иран и неговата способност да извезува ракети“, рече Нетанјаху. „Не нападнавме пилани. Тоа се индустриски фабрики на смртта, а ние силно ги погодивме“.
Нетанјаху истакна дека САД немале улога во убедувањето на Израел да го ублажи својот одговор на иранското бомбардирање на 1 октомври. „Ние сами носиме одлуки, според нашите интереси и размислувања“, рече Нетанјаху.
И израелскиот министер за одбрана Јоав Галант вчера изјави дека нападите во саботата предизвикале сериозна штета, што може да се покаже корисно во иднина.
„Извршивте прецизни удари врз нивните радари и системи за противвоздушна одбрана, што создава огромна неповолност за непријателот кога ќе сакаме да нападнеме подоцна“, рече Галант на состанокот со водачите на воздухопловните сили.
„Го оштетивте и нивниот производствен капацитет, што го менува балансот на силите. Нивните залихи сега се ограничени, а тоа влијае на нивната калкулација. Нивните офанзивни и одбранбени способности се ослабени“, рече израелскиот министер за одбрана.
Иран рече дека воздушните напади во саботата предизвикале ограничена штета. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи во понеделникот рече дека Техеран „ќе ги искористи сите достапни алатки“ за да одговори.
Израелските воздушни напади беа одговор на иранскиот ракетен напад врз Израел на 1 октомври, пренесува Ројтерс.






