четврток, 5 јуни 2025

Нетанјаху: До крајот на новата офанзива ќе ја освоиме цела Газа, веројатно го убивме лидерот на Хамас

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека израелската војска „веројатно“ го убила Мохамед Синвар, де факто лидерот на Хамас во Газа и брат на убиениот лидер Јахја Синвар.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Елиминиравме десетици илјади терористи“, рече Нетанјаху на својата прва прес-конференција по неколку месеци. „Ги елиминиравме водачите на убијците – Деиф, Ханија, Јахја Синвар и веројатно Мохамед Синвар.“

Мохамед Синвар беше цел на израелските воздушни напади минатата недела врз Европската болница во Кан Јунис. Според палестинското Министерство за здравство, во нападот загинале 28 Палестинци, а повеќе од 50 биле ранети. Доколку биде потврдено, неговата смрт би била уште еден во низата атентати врз високи функционери на Хамас, иако Хамас сè уште ја задржува контролата врз Газа.

Мохамед Синвар беше брат на Јахја Синвар, поранешен лидер на Хамас, кој беше убиен од израелската војска во јужна Газа во октомври.

Нетанјаху на истата конференција потврди дека новата израелска воена офанзива во Газа нема да запре.

„Нашите сили заземаат сè повеќе територија во Газа“, рече тој. „На крајот од операцијата, целата област на Појасот Газа ќе биде под израелска безбедносна контрола.“

Тој рече дека Израел би можел да се согласи на привремен прекин на огнот, но само ако тоа вклучува ослободување на заложници. Според него, крајот на војната е можен само ако се исполнат клучните услови: демилитаризација на Газа, соборување на Хамас од власт и спроведување на американскиот план за доброволно иселување од Газа.

„Кој и да нè повикува да ја запреме војната пред да ги постигнеме овие цели, всушност повикува Хамас да остане на власт“, ​​рече Нетанјаху.

Нетанјаху додаде дека постои „целосна координација“ со сегашната американска администрација на Доналд Трамп околу нуклеарната програма на Иран, додека Вашингтон се обидува да преговара за нов договор со Техеран.

Според него, секој иден договор со Иран мора да вклучува забрана за развој на нуклеарно оружје и прекин на збогатувањето на ураниум. Си-ен-ен во вторник објави дека американската разузнавачка заедница верува оти Израел подготвува можен напад врз нуклеарните постројки на Иран.

„Израел има право да се брани од режим кој се заканува со негово уништување“, заклучи Нетанјаху.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ