среда, 11 февруари 2026

21 лице уапсени во Албанија, демонстрантите фрлаа молотови коктели кон полицијата (ФОТО+ВИДЕО)

Албанската полиција уапси 21 лице по вчерашниот протест на опозицијата во Тирана, кој прерасна во насилство пред канцеларијата на премиерот и зградата на парламентот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Меѓу уапсените има и седум малолетници, а демонстрантите фрлаа молотови коктели и пиротехнички средства кон полицијата и институциите. Полицијата возврати со солзавец и водени топови, пишува Лајмифундит.

Демонстрантите, поддржувачи на опозициската Демократска партија, вчера попладне се собраа на Булеварот на народните херои пред седиштето на владата. Потоа протестот се префрли пред парламентот, каде што во текот на целиот собир беа фрлани запаливи предмети, пиротехника и други тврди предмети кон полицајците и зградите на институциите.

Полицијата соопшти дека во насилствата биле повредени 16 полициски службеници. Сите се згрижени во болница и се надвор од животна опасност.

Вкупно се уапсени 21 лице, од кои седум се малолетни. Според полицијата, повеќето уапсени и претходно биле познати по учество во слични протести. Објавени се имињата на 14 полнолетни лица, додека идентитетот на малолетниците не е соопштен.

По истрагата спроведена во соработка со обвинителството, полицијата соопшти дека уапсените се товарат за повеќе кривични дела, меѓу кои напад врз службено лице, нанесување тешки телесни повреди, нарушување на јавниот ред и мир, уништување имот со пожар, спротивставување на службено лице и прекршување на правилата за експлозивни и запаливи материи.

Постапка е поведена и против организацискиот секретар на Демократската партија, Е. М., поради организирање нелегални собири и поттикнување малолетници на извршување кривично дело. За спротивставување на службено лице и поттикнување малолетници на кривично дело се пријавени и четири члена на партијата.

Полицијата распиша потерница по еден 41-годишник. Како материјален доказ запленети се 22 неексплодирани молотови коктели и три шишиња со бензин, пронајдени во близина на парламентот. Истрагата продолжува заради идентификација на другите учесници во насилните нереди.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ