Мадагаскар: Бестрашно протестно движење против претседателот
Светскиот протестен бран на Генерацијата З стигна и до Мадагаскар.
За Хериз Андриаманантена, портпарол на групата „Генерација З“ од Мадагаскар, ситуацијата е прилично јасна: „Имаме должност навистина да промениме сè. Секако очекуваме владата да се промени и (претседателот) да поднесе оставка. Прво, оставка“, вели тој за ДВ.
„Да промениме сè“ за демонстрантите значи: крај на лошото управување и корупцијата. А претседателот Андри Раџоелина конечно мора да си замине. За нив не е доволна промената на владата.
Според бројките на ОН во последните денови, најмалку 22 лица беа убиени, а 100 повредени во протестите, кои првично се фокусираа на прекините на електричната енергија и недостигот од вода за пиење.

Но протестите, предводени од добро образовани млади луѓе на возраст меѓу 18 и 28 години, продолжуваат и покрај заканите и заплашувањата, вели Андриаманантена. На крајот на краиштата, младите луѓе таму се чувствуваат како мнозинство: повеќе од половина од 32 милиони жители на Мадагаскар се под 30 години. А нивниот модел е Непал.
Непал: Генерацијата З ја принуди владата да се повлече
Непалската влада блокираше 26 платформи на социјалните медиуми, како што се Фејсбук и Тикток, наводно за да ја заштити националната безбедност. Генерацијата З протестираше, а десетици илјади луѓе излегоа на улиците.
Под хаштагот #NepoBabies (ознака за луѓе што доаѓаат на власт преку непотизам и влијателни родители), тие ги разоткрија корупцијата и непотизмот – и покрај десетиците смртни случаи, тие не само што ја соборија владата на премиерот Кадга Прасад Шарма, туку и, преку онлајн-гласање, ја поставија Сушила Карки, поранешна врховна судијка на Непал и призната активистка за борба против корупцијата, на позицијата премиер.
„Очекуваме континуирано политичко будење обликувано од Генерацијата З“, вели за ДВ Раџат Даш Шреста, еден од лидерите на движењето Генерација З во Непал. „Владите можат да паднат кога ќе се крене младината“.

Она што се случи во последните недели во оваа земја од 30 милиони луѓе, помеѓу Кина и Индија, е шаблон за многу протестни движења на Генерацијата З низ целиот свет.
„Доколку оние на власт продолжат да ги игнорираат соништата и фрустрациите на младите луѓе, слични настани ќе се случат во многу други земји во регионот“, вели Раџат Даш Шреста. Можеби во Индонезија или Филипините, каде што гневните млади луѓе неодамна излегоа на улиците за да протестираат против корупцијата и нееднаквоста.
Србија: Востание на генерацијата З по уривањето на станицата
Генерацијата З протестира не само во Азија, туку и во Европа. „Тоа беше последната капка што ја прелеа чашата“, изјави за ДВ Јелена Попадиќ, една од портпаролите на протестното движење во Србија.
Студентката по медицина се осврнува на обидот на политичарите да го прикријат уривањето на покривот на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица. Веројатна причина за трагедијата: градежни грешки и корупција, пишува ДВ.

Оттогаш, и веќе речиси една година, Генерацијата З ја парализира земјата од седум милиони луѓе – со окупирани универзитети, неделни демонстрации и блокирани раскрсници, како и напади врз канцелариите на Српската напредна партија на претседателот Александар Вучиќ. Впрочем, протестите долго време беа насочени првенствено против авторитарното владеење на српскиот претседател, објавува ДВ.
Нивниот воен извик е „Пумпај“ – а Вучиќ се обидува да ги потисне протестите со сила. Залудно.
„Студентите не се плашат и тоа ѝ го пренесоа на целата нација“, вели пензионираниот полициски генерал Богољуб Живковиќ за ДВ. По повеќе од 30 години служба, Александар Вучиќ го испратил во предвремено пензионирање затоа што неговиот син, студент по право, им се придружил на демонстрантите што бараат крај на корупцијата.
Мароко, Перу, Парагвај – бран протести во Латинска Америка
Без страв дејствува и досега анонимното младинско движење во Мароко, каде што, според германската новинска агенција Дпа, 280 лица беа повредени, а повеќе од 400 беа уапсени по протестите во средата, ноќта на 1 октомври.
Младите луѓе на улиците ги вади и вечната тема за корупцијата. Но и изградбата на стадиони за Светското првенство во фудбал во 2030 година, кое Мароко го организира заедно со Шпанија и Португалија – наместо да гради нови болници, како што бара „Ген З 212“.

Зошто „Ген З 212“? Едноставно: 212 е меѓународниот телефонски код за Мароко. Повиците за демонстрации се шират преку социјалните медиуми како што се Тикток, Инстаграм и платформата за игри Дискорд.
И во Парагвај и во Перу, младите луѓе се презаситени од непотизам и повеќе не сакаат да прифаќаат празни политички ветувања. „Ние сме 99,9 проценти и не сакаме корупција“, беше слоганот на протестот во главниот град на Парагвај, Асунсион, минатиот викенд.
Пред тоа, Генерацијата З во Лима гласно, со тапани, се побуни против корупцијата, против непопуларната претседателка Дина Болуарте и против планираната пензиска реформа.
Во Перу, како и на сите демонстрации на Генерацијата З низ целиот свет, често е присутно пиратското знаме со черепот и сламената шапка од култната манга и аниме Уан пис (One Piece).
Главниот лик на овој пиратски еп, Манки Д. Луфи (Monkey D. Luffy), се бори за слобода и правда. Една од неговите најпознати реплики е онаа што сите млади демонстранти веројатно веднаш би ја потпишале: „Сакам да создадам свет во кој сите мои пријатели можат да јадат колку што сакаат!“






