37 лица се приведени за „учество во нарушување на јавниот ред и мир и предизвикување инциденти за време на нерегистриран јавен собир“ пред српскиот парламент, соопшти полицијата.
Претпладнето Дијана Хрка, мајката чиј син почина при уривањето на настрешницата, дојде до зградата на српскиот парламент и рече дека во 11:52 часот – кога се случи трагедијата во Нови Сад пред една година – почнала штрајк со глад.
Таа се одлучила за овој облик на протест „барајќи правда и одговори за тоа кој го уби нејзиниот син и уште 15 лица во трагедијата во Нови Сад пред една година“.
Неколку стотици луѓе дојдоа да ја поддржат Хрка, а попладнето околу зградата на парламентот беше формирана полициска интервентна единица, која со часови ги разделуваше антивладините демонстранти и поддржувачите на српскиот претседател Александар Вучиќ собрани во шаторскиот камп.
Полицијата не ѝ дозволи на Хрка да се смести во близина на зградата на парламентот, што предизвика незадоволство кај луѓето што се против режимот на Александар Вучиќ, и тие почнаа да се собираат во сè поголем број.
„Кого чувате? Зошто не дозволите мајка што го загубила синот да бара правда?“, извикуваше толпата кон полицајците што го блокираа патот до зградата на парламентот.
Но поддржувачите на владата исто така се мобилизираа и го исполнија просторот околу големите бели шатори што со месеци стојат во центарот на градот.
Во текот на вечерта, ситуацијата стануваше сè потензична, со летање шишиња со вода, топовски удари, камења и факели.
Хрка синоќа изјави дека нема да се откаже додека не бидат исполнети сите нејзини барања.
Таа оцени дека владата не е подготвена да разговара за исполнување на овие барања и дека „се плаши од граѓаните“.
„Нека поминат неколку дена и ќе знаеме што и како, и дали ќе има некаков одговор од другата страна“, изјави Хрка за телевизијата Н1.
Вучиќ даде изјава во текот на вечерта и повика на мир, но тврдеше дека антивладините демонстранти, или „блокадерите“, како што ги нарекува тој, „се обидоа да запалат живи луѓе во камп во Пионирски парк“, веднаш спроти зградата на парламентот.
Кампот беше поставен уште во март, а во него се луѓе што тврдат дека „сакаат да учат“ и се противат на блокадите на универзитетите во Србија.
Некои од демонстрантите останаа со Дијан Хрка цела ноќ пред српскиот парламент.
Медиумите јавуваат и дека Владимир Штимац, поранешен кошаркар на српската репрезентација и на Црвена звезда, кој е активен во антивладините протести од самиот почеток, е меѓу 37-те приведени. Како што може да се види на снимката објавена на социјалните мрежи, Штимац бил уапсен пред зградата на РТС.
View this post on Instagram
Снимките на социјалните мрежи го покажуваат апсењето на Штимац недалеку од местото на судирите меѓу антивладините демонстранти и полицијата, објави телевизијата Н1.
Просторот пред српскиот парламент, каде што се наоѓаат големи бели шатори и камп во паркот Пионир, антивладините демонстранти погрдно го нарекуваат „Чациленд“, но тоа го прифатија и владините претставници и провладините медиуми.
View this post on Instagram
Утрово центарот на Белград беше мирен, а сообраќајот се одвиваше непречено, можеле да се уверат новинарите на Би-би-си.
Протест беше организиран и во Нови Сад, односно собир во поддршка на Дијана Хрка.
Студентите, кои протестираат речиси една година, барајќи одговорност за уривањето на настрешницата, ги повикаа своите поддржувачи во неделата навечер да се грижат за сопствената безбедност и да не реагираат на насилството.
По покана на студентите во Нови Сад се одржа голем комеморативен митинг.
Во текот на денот, на митингот, на кој, според проценките на неформалната организација „Архива на јавни собири“, присуствувале околу 110.000 луѓе, не беа регистрирани никакви инциденти.
Според полицијата, на митингот присуствувале 39.000 луѓе.






