Петчасовните разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и главните преговарачи на американскиот претседател Доналд Трамп изгледа дека не успеале да доведат до напредок во постигнувањето мировен договор за Украина, пишува денес Би-би-си.
Портпаролот на Кремљ рече дека состанокот во Москва бил „конструктивен“, но дека делови од планот и понатаму се неприфатливи за Русија.
Специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, и зетот Џаред Кушнер учествуваа во разговорите со Путин по неколку недели интензивна дипломатија насочена кон завршување на војната.
Американскиот тим не ги коментираше разговорите по заминувањето од Москва.
Претходно истиот ден, Путин рече дека измените што ги предложиле Киев и Европа во нацрт мировниот план, кој беше поддржан од САД, се неприфатливи, додавајќи дека ако Европа „сака да оди во војна и да ја започне“, Русија е подготвена.
Украина и нејзините европски сојузници лобираат кај САД за да се изменат првичните предлози на договорот од 28 точки.
Белата куќа настојува да обезбеди брз договор, а Кремљ претходно сигнализираше дека е отворен за него.
Тој план, кој главно се сметаше за поволен за Русија откако протече во медиумите во ноември, претрпе неколку измени последниве недели.
На прашањето за предлогот по состанокот во Москва, Јуриј Ушаков, еден од најблиските соработници на Путин, рече дека Кремљ „се согласил со некои точки, но некои работи ги критикувал“.
„Сè уште не сме стигнале до компромисна верзија… Многу работа нè чека“, додаде тој.
Клучните несогласувања меѓу Москва и Киев остануваат — меѓу другото и околу територијата од која, според планот, Украина би требало да се откаже.
Станува збор и за делови од територија што украинската војска сè уште ги контролира.
Несогласувања има и околу безбедносните гаранции што ги нуди Европа.
Москва и европските сојузници на Украина и понатаму се остро спротивставени во погледите на тоа како треба да изгледа мировното решение.
Во пресрет на состанокот со американската делегација, Путин ги критикуваше европските сојузници на Украина, велејќи дека се на линија на војна, а не на мир.
„Тие живеат во илузија дека можат да ѝ нанесат стратегиски пораз на Русија. Русија никогаш не ни планирала да војува со Европа, го повторив тоа сто пати, но ако Европа одеднаш сака да оди во војна и да ја започне, ние сме подготвени“, порача рускиот лидер.
Говорејќи пред разговорите во Кремљ, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека постои шанса да се заврши војната — „сега повеќе од кога било претходно“, но дека некои елементи од предлогот сè уште треба да се разработат.
„Нема едноставно решение“, рече Зеленски, повторувајќи дека без учество на Украина не може да се постигне мировен договор и дека мора да се договорaт јасни безбедносни гаранции, како членството во НАТО, на кое Русија од почеток се противи, а Трамп го исклучи.
Украинските претставници во последните недели одржаа две рунди разговори со високи американски функционери.
Белата куќа соопшти дека предлогот е „усовршен“, иако деталите не се потврдени.
Путин, кој смета дека Русија ја има иницијативата на бојното поле, делуваше непоколебливо во однос на своите барања уште минатата недела, додека Зеленски повеќепати истакна дека никогаш нема да се откаже од контролата над источните украински региони.
Додека во Москва траеја преговорите, Трамп рече дека конфликтот не е лесно да се реши, опишувајќи го како „хаос“.
Во интервју за „Фокс њуз“, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека САД „постигнаа извесен напредок“ во последните недели, но одби да зборува за тоа колку е уверен дека може да се постигне договор, велејќи дека многу зависи од рускиот претседател.
„Одлуките, кога станува збор за Русија, мора да ги донесе само Путин — не неговите советници, туку само тој“, нагласи тој.
Европските сојузници на Киев се спротивставија на првичниот американски план од 28 точки, отстранувајќи многу спорни делови, како признавањето на Доњецк и Луганск како де факто руски.
Откако Русија ја почна инвазијата на Украина на 24 февруари 2022 година, десетици илјади војници се убиени или ранети, според податоците на Обединетите нации (ОН).
Граѓански објекти, меѓу кои градинки, болници и станбени згради, се уништени или тешко оштетени во досегашниот тек на војната.
Конфликтот меѓу двете поранешни советски држави датира од 2014 година, кога прорускиот претседател на Украина беше симнат од власт, а Русија одговори со анексија на Крим и поддршка на оружените бунтови во источна Украина.
Кои се клучните преговарачи
САД: Ден Дрискол
Дрискол (39) е најмладиот министер за армија во историјата на САД, како и поранешен соученик и близок сојузник на потпретседателот на државата, Џеј Ди Венс.
Стана централна фигура во преговорите за завршување на војната кога во ноември ненадејно беше приклучен кон делегацијата во украинскиот главен град Киев — веднаш откако протекоа американските мировни планови.
Дрискол е промовиран како можен иден министер за одбрана на САД.
„Тој има моќна комбинација од искуства за да служи како двигател на промени и предизвикувач на пореметувања“, изјави Трамп кога го номинираше за министер за војската, во почетокот на вториот мандат.
САД: Стив Виткоф
Виткоф, бизнисмен во областа на недвижнини и Трампов партнер за голф, првично беше именуван за специјален претставник на САД за Блискиот Исток, но подоцна стана клучен играч во американските преговори со Русија.
Беше критикуван поради тоа што изгледаше како да им дава приоритет на барањата на Москва за завршување на војната, а во 2025 година неколкупати ја посети руската престолнина, но не и Киев.
Ова беше неговата шеста позната посета на Москва за состанок со Путин.
САД: Марко Рубио
Рубио, државниот секретар и највисок дипломат на земјата, ја предводеше американската делегација во Женева, каде што најновата верзија на мировниот план беше изменета.
Во однос на другите членови на Трамповиот тим, за него се наведува дека бил најкритичен кон Русија.
За време на мировните преговори на Флорида, одржани последниот викенд во ноември, изјави дека последната рунда дипломатија „не беше само за условите што ги прекинуваат борбите“.
„Се работи и за услови што ќе ѝ овозможат на Украина долгорочен просперитет. Мислам дека денес работевме на тоа, но сè уште има работа“, додаде тој.
САД: Џаред Кушнер
Кушнер е зет на Трамп и клучна фигура за време на првиот претседателски мандат, во улога на висок советник.
Познат е по своите меѓународни деловни врски и развој на недвижнини.
Овој 44-годишник нема официјална улога во актуелната администрација на Трамп, но беше советник на Белата куќа за време на дипломатските разговори во овој втор мандат.
Изгледа дека дури неодамна се вклучил во мировните преговори за Украина.
Украина: Андриј Јермак (неодамна поднесе оставка)
Поднесе оставка откако членови на антикорупциската агенција го претресоа неговиот стан во Киев.
Јермак претходно беше долгогодишен шеф на кабинет на украинскиот претседател Володимир Зеленски и главен преговарач на земјата.
Како шеф на кабинет имаше огромна моќ во врвот на владата, а Зеленски го именуваше да ги води клучните мировни преговори.
Украина: Рустем Умеров
Умеров е шеф на Советот за безбедност на Украина и го замени Јермак како главен преговарач за време на преговорите во Флорида крајот на ноември.
Тој беше ветеран од мировните преговори во почетокот на војната, а потоа беше именуван за министер за одбрана на Украина, функција што ја извршуваше до јули 2025 година.
Не е јасно дали неговото учество повторно ќе го зајакне преговарачкиот процес на Киев или ќе доведе до прекин на континуитетот, пишува Џејмс Ватерхаус, дописник на Би-би-си од Украина.
Русија: Кирил Дмитриев
Дмитриев е постојан учесник во американско-руските дипломатски иницијативи од почетокот на вториот претседателски мандат на Трамп.
Порано работел и живеел во САД и има повеќе искуство во склучување деловни договори отколку во дипломатија или воена стратегија.
За разлика од повеќето луѓе околу Путин, тој се чувствува удобно во американските телевизиски студија.
Внимателно ги пофалува дипломатските вештини на Трамп, додека на западната публика ѝ го претставува наративот на руската влада на нивен јазик.
Нацрт мировниот план што се појави во ноември следуваше по наводниот тридневен состанок меѓу Дмитриев и Виткоф во Мајами.
Русија: Јуриј Ушаков
Ушаков го советува Путин за надворешна политика од 2012 година и беше амбасадор на Русија во САД од 1998 до 2008 година.
Во протечениот разговор со Виткоф, објавен од Блумберг, делуваше како тој да сака Трамп да разговара со Путин за да се унапредат преговорите.
„Европскиот план на прв поглед е сосема неконструктивен и не функционира за нас“, изјави тој кон крајот на ноември во Москва.
Русија: Владимир Медински
Медински е еден од најблиските соработници на Путин.
Беше клучен член на рускиот преговарачки тим од почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година.
Поранешен министер за култура, познат како конзервативец, кој помогна во пишувањето на новиот руски училиштен учебник во кој се оправдува војната.
Роден е во Смила, град во централна Украина.






