Залужни, како што пренесува Ројтерс, во говор во Киев кажа дека Украина не треба да сонува за враќање на границите воспоставени со распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, ниту за фронтовските линии што постоеле непосредно пред руската инвазија во февруари 2022 година.
„Се надевам дека во оваа сала нема луѓе кои сè уште очекуваат чудо или среќен сплет на околности кои ќе донесат мир во Украина, границите од 1991 или 2022 година, и дека потоа ќе настапи голема благосостојба“, рече Залужни, популарниот началник на Генералштабот во текот на првите две години од војната.
„Моето лично мислење е дека непријателот сè уште има ресурси, сили и средства да изврши напади на наша територија и да се обиде да изврши конкретни офанзивни операции“, порача тој во говор објавен вчера од порталот „Украинска правда“.
Залужни, кој има 51 година, беше сменет од функцијата врховен командант во февруари 2024 година по извештаите за несогласувања меѓу него и претседателот Володимир Зеленски. Тој моментално е амбасадор на Украина во Лондон.
Зеленски и други јавни личности долго време повикуваат на протерување на руските сили и враќање на границите од 1991 година, вклучително и Крим, кој Русија го освои во 2014 година и го анектираше, потег што го признаа малку држави.
Сепак, бидејќи во последните месеци напорите се повеќе се фокусираа на започнување преговори за прекин на огнот, јавните изјави од Киев беа поумерени во врска со евентуалното откажување од териториите, истакнува британската агенција.
Руските вооружени сили сега контролираат околу една петтина од територијата на Украина, вклучувајќи големи делови од источна Украина.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, минатиот месец за Би-би-си изјави дека Украина можеби ќе мора привремено да отстапи дел од територијата како дел од мировниот договор со Русија. Тој кажа дека Зеленски можеби ќе биде принуден да прифати „болно решение“ за да се постигне мир, иако украинскиот народ никогаш нема да прифати руска окупација.
Залужни кажа дека Русија води војна со исцрпување повеќе од една година и дека, со оглед на помалите сили на Украина и тешките економски околности, Киев може да смета само на напредни технологии.
„Можеме да зборуваме само за високотехнолошка војна за опстанок, користејќи минимум човечки ресурси, минимум економски средства за да се постигне максимална корист“, рече тој.
„И во таа ситуација мора да го разбереме следново: нашите финансиски и економски ресурси се ограничени, нашата зависност од помошта на нашите партнери е апсолутно очигледна и тоа мора да се земе предвид.“
Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека Залужни останува меѓу најпопуларните јавни личности во Украина. Анкетите, исто така, покажуваат дека рејтингот на Зеленски расте по неговата конфронтација со американскиот претседател Доналд Трамп на состанокот во Белата куќа во февруари.