Таканаречената „Њујоршка декларација“, подготвена од Франција и Саудиска Арабија, потпретседатели на конференцијата на ОН, поддржана од 15 други земји, вклучувајќи ги Бразил, Канада, Турција, Јордан, Катар, Египет и Обединетото Кралство, како и Европската Унија и Арапската лига, повикува на прекин на војната во Појасот Газа и на „праведно, мирно и трајно решение за израелско-палестинскиот конфликт врз основа на спроведување на решението за две држави“.
Земјите наведуваат дека „управувањето, спроведувањето на законот и безбедноста на целата палестинска територија мора да бидат единствена одговорност на Палестинската самоуправа, со соодветна поддршка“.
„Хамас треба да ја прекине контролата врз Газа и да го предаде своето оружје на палестинската самоуправа“, се додава во декларацијата.
Текстот бара непречен влез на хуманитарна помош во Газа и ја отфрла „употребата на глад како метод на војување“.
Земјите додадоа дека го поддржуваат распоредувањето на привремена меѓународна мисија за стабилизација во Газа.
Таа мисија би имала за цел да го заштити цивилното население, „да го поддржи префрлањето на безбедносните одговорности“ на Палестинската самоуправа и да обезбеди „безбедносни гаранции за Палестина и Израел, вклучително и следење“ на спроведувањето на идниот прекин на огнот.






