сабота, 28 март 2026
Ројтерс

Некогаш славното кубанско здравство пропаѓа: исцрпените лекари без ресурси, пациентите без нега

Недостигот и санкциите го уриваат некогашниот горд систем — десетици илјади граѓани чекаат операции, а со платите од 16 долари лекарите се принудени да бараат дополнителна работа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Еден кубански лекар со повеќе од 25 години искуство, како и мнозинството граѓани што примаат државна плата, мора да има дополнителна работа за да преживее.

За да ги избегне редовните прекини на струја, станува во пет наутро за да вари ориз и грав за продажба, со што ги дополнува приходите, бидејќи трошоците за превоз ја надминуваат неговата месечна плата од околу 8.000 пезоси, односно околу 16 долари.

Кубанскиот здравствен систем, долго време сметан за едно од најголемите достигнувања по револуцијата од 1959 година, со години бележи пад, додека ослабената економија и американските санкции дополнително го влошуваат. Според Ројтерс, ситуацијата уште повеќе се влошила поради нафтената блокада воведена оваа година.

Еден лекар, кој сакал да остане анонимен, вели дека постојаниот притисок и ограничувањата го потсетуваат на најтешките денови од пандемијата.

„Јавното здравство отсекогаш беше ветување — бесплатно и на светско ниво. Не знам колку уште можеме да издржиме. Сѐ помалку има лекари, сѐ помалку ресурси, а пациентите и понатаму доаѓаат“.

Иако економијата има сопствени слабости, санкциите дополнително ја влошиле состојбата на лекарите, познати како „војска во бели мантили“.

Многумина се исцрпени, заминуваат од земјата или ја напуштаат професијата за да работат во мали бизниси, како келнери или чистачи, наместо за плати од околу 14 до 16 долари месечно.

Основните производи се скапи: пакување од 30 јајца чини околу 3.000 пезоси, литар масло 1.500, а килограм ориз 700.

Недостигот од материјали е толку сериозен што лекарите носат средства за чистење од дома или подовите се мијат само со вода. Нема ни ракавици за еднократна употреба, а за урина се користат пластични шишиња.

Во исто време се бележи пораст на хепатитис и дијареја, што делумно се поврзува со недостигот од антибиотици.

Недостигот од гориво и прекините на струја го прекинуваат снабдувањето со вода, што доведува до фактичко затворање на дел од амбулантите.

„Не се затвораат официјално, но нема прегледи бидејќи нема вода“, вели еден лекар.

Кога ќе снема струја, медицинските сестри рачно ги одржуваат апаратите за новороденчиња додека не се вклучат генераторите.

Фото: ЕПА

Кубанските власти признаваат дека системот е под силен притисок, но велат дека лекарите ќе издржат.

Во земјата со околу 10 милиони жители, 96.000 луѓе чекаат операција, меѓу нив 11.000 деца. Се проценува дека до крајот на годинава бројката може да достигне 160.000. Повеќе од 300 операции кај деца неделно не можат да се извршат поради недостиг од лекови, кислород, анестезија и друга опрема. Околу 32.000 бремени жени можеби нема да ги добијат ни минималните три ултразвучни прегледи.

Овие бројки не ја покажуваат целосната цена што ја плаќаат лекарите и медицинските сестри, кои дома се соочуваат со прекини на струја и вода, а на работа со недостиг од лекови и лоши услови, додека мора да им објаснуваат на пациентите дека не можат да им обезбедат нега како порано.

Во земјата се лекуваат околу 117.000 пациенти со рак, од кои илјадници имаат потреба од зрачење, хемотерапија или операција.

„Тешко е за секое семејство, особено кога станува збор за дете. Немаме лекови за терапиите што порано беа стандард“, велат здравствените власти.

И покрај официјалните уверувања, лекарите на терен велат дека кризата е сериозна.

„Сите се плашиме да зборуваме“, вели една лекарка.

„Гледав лекари како плачат. Поради оваа криза. Се откажуваат, паѓаат во депресија. Сѐ им се гледа на лицето“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ