сабота, 7 март 2026

Некогаш најголемиот глечер на Земјата исчезнува: на А23а му останаа само неколку недели

Приказната за еден од најстарите глечери во светот се приближува кон својот крај по неверојатното 40-годишно патување што ги воодушевуваше научниците.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Глечерот познат како А23а некогаш беше најголем на Земјата, со површина двојно поголема од поширокото подрачје на Лондон. Но по патувањето полно со пресврти, А23а во текот на изминатата година се стопи, се распука и спектакуларно се распадна. Она што остана од него сега го нагризуваат потоплите води далеку од ледените мориња на Антарктикот и се очекува да не издржи повеќе од неколку недели, пишува Би-би-си.

За да се раскаже приказната за глечерот А23а, треба да се вратиме во 1986 година. Таа година експлодираше реакторот во нуклеарната електрана Чернобил, Гери Линекер ја освои Златната копачка на Светското првенство во Мексико, а Витни Хјустон го доби својот прв Греми.

Далеку од очите на светот, Филхнеровата ледена полица — огромна пловечка маса мраз што се протега од антарктичкиот континент во Веделово Море — драматично се менуваше. Еден од глечерите што се одвои беше А23а, тогаш со површина од околу 4.000 квадратни километри. Наскоро се насука на морското дно на Веделово Море, каде што остана заглавен повеќе од 30 години. Научниците дури во 2020 година забележаа знаци дека А23а повторно се придвижил.

https://www.youtube.com/watch?v=171qMEvQBuU&t=2s

Носен од океанските струи и обликот на морското дно, глечерот тргна по рутата позната како „Алеја на глечерите“ кон Јужните Оркниски Острови. Таму осум месеци беше заробен во огромен воден вител. Потоа се упати кон островот Јужна Џорџија, каде што повторно се заглави на неколку месеци.

Но, за разлика од многу антарктички глечери, кои тука се топат и исчезнуваат, А23а успеа да се ослободи. Иако во далечното минато на Земјата веројатно постоеле и подолговечни глечери, А23а денес се смета за најстариот во светот, барем меѓу оние што сателитите ги следат. „Неговото патување е навистина импресивно, пред сè поради својата долговечност“, вели д-р Кристофер Шуман, пензиониран научник од Универзитетот Мериленд. Следењето на неговиот пат го споредува со гледање телевизиска драма „во која не знаете што следува“.

Во почетокот на 2025 година, дури и по 39 години, А23а сè уште беше колос. Но во текот на првата половина од таа година се намали за приближно една четвртина. До средината на годината ја изгуби титулата најголем глечер, но и натаму беше огромен. „Фасцинантно беше да се гледа како толку долго беше стабилен, а потоа во само една година едноставно се распадна“, вели д-р Кетрин Вокер од Океанографскиот институт Вудс Хол, која е родена истата година кога се појави А23а.

Во август и септември, над подморски гребен околу 1.500 километри источно од Фолкландските Острови, А23а се најде под влијание на силни механички сили. Научниците веруваат дека тие сили, во комбинација со топлите води, довеле до неговиот распад. За кратко време се одвоија неколку големи дела, доволно големи за да добијат сопствени имиња: А23г, А23х и А23и.

На крајот на декември, на врвот на летото на јужната хемисфера, глечерот беше изложен и на топол воздух. На неговата површина се појавија живописни сини езера од стопена вода. „Тоа беше прекрасна глетка, но и јасен знак дека се топи и одозгора и одоздола“, вели професорот Мајк Мередит од Британското антарктичко истражување.

„Тогаш сфативме дека глечерот станува прилично кревок и дека му се приближува крајот.“ Д-р Вокер објаснува дека тешката стопена вода на површината продира во пукнатините, ги проширува и предизвикува понатамошно кршење, процес познат како хидрофрактурирање. Токму тоа се случи кон крајот на декември и почетокот на јануари, што доведе до понатамошно распаѓање.

Иако одвојувањето на големите глечери како А23а не е нужно последица на климатските промени, научниците внимателно го следеа неговиот распад барајќи знаци за тоа како Антарктикот би можел да реагира на порастот на температурите. Особено ги интересираа ледените полици, кои имаат клучна улога во стабилноста на антарктичката ледена покривка. Иако не се целосно исти, глечерите можат да служат како „патувачки природни лаборатории“, објаснува Вокер.

„Можеме многу да научиме за тоа како овие големи глечери се однесуваат во потопли услови и потоа тоа да го примениме на она што го очекуваме од ледените полици“, вели таа.

Во текот на 11 дена до 22 февруари, сега помалиот и полесен глечер помина повеќе од 700 километри кон североисток, со брзина од околу 2,7 километри на час. Тоа патување го изложи на уште потопли води, со површинска температура од речиси 10°Ц. „Секој ден, цел ден, се наоѓа во сè потопла вода“, вели Шуман.

„Тоа е како коцка мраз во пијалак. Не треба долго за да исчезне.“ Во текот на последните две недели, А23а носен од струите направи речиси цел круг во насока на стрелките на часовникот. Тоа би можело да биде неговиот последен танц. До 5 март се намали на приближно 180 квадратни километри. Научниците ќе престанат да го следат кога ќе се намали на околу 70 квадратни километри, а тој момент не е далеку. „Сите траги веројатно ќе исчезнат за неколку недели, максимум“, заклучува професорот Адријан Лакман од Универзитетот Свонси.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ