Ултрабогатите без проблем би можеле да наполнат еден фудбалски стадион. Ги има 56.000, што ги претставува најбогатите 0,001% на планетата. Влезницата во овој ексклузивен клуб е имот вреден најмалку 254 милиони евра. Заедно, денес поседуваат трипати повеќе богатство од најсиромашната половина од човештвото. Иако јазот се стабилизираше по пандемијата на ковид-19, во последните децении нагло порасна: во 1995 година тие 0,001% имаа „само“ двојно повеќе од најсиромашната половина.
Податоците доаѓаат од извештајот на Ворлд инекволити лаб (ВИЛ), истражувачки институт при Париската економска школа, објавен во средата.
По изданијата од 2018 и 2022 година, новиот извештај на речиси 200 страници, изработен од економистите Томас Пикети, Лукас Шансел, Рикардо Гомез-Карера и Равајда Мошриф, нуди сеопфатен преглед на нееднаквостите во светот.
Потпирајќи се на истражувања на речиси 200 научници, извештајот го документира експлозивниот раст на богатството кај ултрабогатите и детално прикажува како нееднаквоста продира во секој сегмент од општеството: образованието, политиката, последиците од климатските промени и разликите во приходите меѓу мажите и жените.
Во извештајот се потсетува и на глобалните трендови во последните два века. Најпрво следуваше нагол раст на нееднаквоста за време на индустриската револуција во 19 век. Потоа дојде до историско намалување по Првата светска војна, а особено по Втората светска војна, благодарение на развојот на социјалните држави и воведувањето високи даноци на богатството и приходите, што овозможи значително намалување на разликите во платите и имотот. Во последните 40 години нееднаквостите повторно пораснаа, особено во Соединетите Американски Држави, а во помала мера и во Европа. Меѓу причините се либерализацијата на финансиските пазари, дерегулацијата на пазарот на труд, слабеењето на синдикатите и глобализацијата.
Иако наодите се загрижувачки, истражувачите нагласуваат дека тие не се неизбежни. Овие трендови, велат тие, се резултат на одлуки на лидерите и креаторите на јавни политики. „Нееднаквоста не е судбина, туку избор“, пишуваат економистите Џајати Гош и Џозеф Стиглиц во предговорот на извештајот.
„Во текот на еден век, јазот во приходите во Европа се намали десеткратно. Мораме повторно да се поврземе со тој историски процес“, порача Пикети.
Глобално гледано, најбогатите земји воедно се и оние со најмала нееднаквост. Во Европа, Источна Азија и САД разликите во богатството се значително помали отколку во Африка, на Блискиот Исток или во Латинска Америка.
„Историски, богатството произлегуваше од многу поинклузивни вложувања во образованието и здравството“, рече Пикети. „Намалувањето на нееднаквоста е она што овозможи развој и просперитет.“
Екстремна концентрација на богатство кај ултрабогатите
За да се разберат современите трендови на нееднаквост, неопходно е фокусот да биде на самиот врв – не на најбогатите 10%, ниту на 1%, па дури ни на 0,1%. Кај тие многу богати групи, промените во богатството меѓу 1995 и 2025 година приближно го следат трендот на остатокот од светската популација, со просечен раст од околу 3% годишно.
Но две децимали подолу, кај најбогатите 0,001% од населението, богатството во последните 30 години растело со речиси 5% годишно. Тоа е група од 56.000 најбогати поединци во светот. Постојат и уште повисоки нивоа: на самиот врв, меѓу 560-те најбогати – оние со најмалку 4 милијарди евра имот – богатството расте со просечни 8,4% годишно. Тука се мултимилијардерите што ги полнат насловните страници: Илон Маск, Марк Закерберг, Џеф Безос, Ворен Бафет и други.
Во Франција, на пример, тоа се Бернар Арно, семејството Бетанкур, семејството Ермес и семејството Вертхајмер (сопствениците на „Шанел“). За некој денес да му се приклучи на клубот на 56-те најбогати, односно на 0,000001%, потребни се 22 милијарди евра. На тоа ниво веќе не е потребен фудбалски стадион – доволен е еден ресторан со три Мишелинови ѕвезди.
Секако, овие богатства во голема мера зависат од берзите. Ако, на пример, пукне балонот на вештачката интелигенција, сликата за една година може да изгледа поинаку. Но долгорочниот тренд од 1995 до 2025 година е јасен: богатството екстремно се концентрира во рацете на многу мал број луѓе.
Пад на средната класа
Зад порастот на ова колосално богатство стои бавна, но постојана ерозија на средната класа – оние над најсиромашните 50%, но под најбогатите 10%. Токму тие 40% бележат раст на приходите од само 1% годишно од 1980 година наваму. Истовремено, во голема мера благодарение на подемот на Кина, најсиромашната половина од човештвото успеала делумно да го намали јазот, со раст од речиси 2% годишно, додека најбогатите групи бележеле раст од 2% до 3%, зависно од категоријата. Токму оваа средна, па дури и висока средна класа, во последните четири децении доживеала најбавен раст на приходите.
Политички, овој тренд е експлозивен. Ерозијата на средната класа и сè потешкото финансиско преживување го поттикнуваат општественото незадоволство врз кое популистичките движења веќе со години зајакнуваат – и во Европа, и во САД.
Ограничен напредок за жените
Нееднаквоста е видлива на секое ниво од општеството, почнувајќи од изразените разлики меѓу мажите и жените. „Жените и понатаму работат повеќе, а заработуваат помалку од мажите“, се наведува во извештајот на ВИЛ. Кога ќе се вклучи и домашната работа, жените работат 53 часа неделно, наспроти 43 часа кај мажите. Кога ќе се собере целиот труд, вклучувајќи ги и неплатените обврски дома, истражувачите утврдуваат дека жените глобално заработуваат трипати пониска саатница од мажите. Дури и кога од анализата ќе се исклучи домашната работа и ќе се фокусира само на платениот труд, жените остваруваат само 61% од заработката на мажите.
Кога ќе се собере целиот труд, вклучувајќи ги и неплатените обврски дома, истражувачите утврдуваат дека жените глобално заработуваат трипати пониска саатница од мажите
Постојат и големи регионални разлики. Додека во Северна Америка, Европа и Латинска Америка е забележлив напредокот, во остатокот од светот напредокот речиси и не постои. Јазот е особено изразен на Блискиот Исток, во Северна Африка и Јужна Азија, каде што жените заработуваат меѓу 16% и 20% од вкупниот доход – ниво што не се променило од 1990-тите.
„Економските последици се далекусежни“, се наведува во извештајот. „Пониските плати со текот на времето се акумулираат, доведувајќи до помали заштеди, послаби пензии и помало акумулирање на богатство, со што нееднаквостите се пренесуваат низ генерации. Затоа родовиот јаз во заработката не е само прашање на правичност во платите – тој го одразува начинот на кој општествата ги вреднуваат различните видови труд и како се распределува моќта на пазарот на труд.“
Богатството го финансира загадувањето
Денес е добро документиран трендот: колку сте побогати, толку повеќе трошите и повеќе загадувате. Во САД, на пример, најбогатите 10% произведуваат 24% од емисиите на стакленички гасови. Тие емитуваат 40 пати повеќе од најбогатите 10% во Нигерија.
Решавањето на денешните огромни предизвици, почнувајќи од климатската транзиција, бара соочување со нееднаквостите, истакнува Пикети: „Се однесуваме како социјалните и климатските прашања на глобално ниво да можат да се одвојат. Мораме да ги поврземе овие различни нивоа на размислување ако сакаме да дојдеме до решение.“
Тој смета дека сегашниот период е сличен со годините по Втората светска војна, не затоа што Европа треба повторно да се обновува, туку затоа што размерите на денешните предизвици – во поглед на климата, развојот, миграциите и другите прашања, како и висината на јавните долгови – се многу слични.
Финансирањето на сложената климатска транзиција е неопходно, дури и додека повеќето богати земји се соочуваат со стареење на населението, длабоки долгови и постепен пад на животниот стандард.
„Во богатите земји е невозможно да се бара од најсиромашните 50% да го намалуваат својот животен стандард или својот јаглероден отпечаток, или да се жртвуваат за финансирање училишта во земјите во развој, сè додека оние на врвот не дадат сериозен придонес“, рече Пикети. Накратко, тој се залага за значително повисоки даноци за најбогатите, особено преку даноци на богатството.
Данок на богатство
Извештајот детално се занимава со контроверзниот данок што го предлага Габриел Зукман, еден од директорите на ВИЛ. Предлогот на Зукман предвидува воведување годишен данок од 2% за најбогатите, без никакви исклучоци. Таквата мерка, применета на имот поголем од 100 милиони долари (85,8 милиони евра), би донела околу 500 милијарди долари даночни приходи годишно на глобално ниво, главно во Азија и Северна Америка. Европа, со помал број мултимилионери, би остварила околу 73 милијарди евра.
Дали тоа е нереално? Пикети наведува историски преседани. Во Франција во 1945 година беше воведен „данок на национална солидарност“, со кој најбогатите беа оданочени со стапка од 20%, иако само за една година. Во тоа време, во Германија даночната стапка на богатство изнесувала 50%, а во Јапонија дури 90%.
„Тие земји успеаја целосно да го елиминираат јавниот долг за неколку години и да обезбедат фискален простор за вложувања во повоениот раст“, тврди Пикети.
Обновата на градовите и регионите разорени од војната, исто така, силно го поттикнала економскиот раст. Тие примери стари 80 години го уверуваат Пикети дека слични политики се можни и денес. „Мораме да одбиеме да се навикнеме на екстремните нееднаквости“, заклучи тој.






