вторник, 1 април 2025

Недостиг од јајца во САД: Европа во состојба на готовност

Северна Америка е погодена од бран поскапувања на јајцата поради појава на птичји грип. Цените се зголемени за повеќе од 150 отсто. Во меѓувреме, во оптек е идејата Европа да ги извезува своите вишоци во Соединетите Американски Држави.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Во Соединетите Американски Држави јајцата спаѓаат во појадокот, онака како што карираните чаршафи за маса одат со Баварија. Најчесто се пржат, понекогаш се варат. Кајгана или на око, не е важно – важно е да има јајца. Затоа, не треба да изненадува што поскапувањето на пилешките јајца има одредена експлозивна социјална димензија во најголемата светска економија.

Американците стенкаат – во последните две недели плаќаат повеќе од десет долари (9,22 евра) за дванаесет јајца, бидејќи појавата на птичји грип доведе до недостиг и пораст на цените. Поради зголемувањето на цената за 159 отсто за една година, некои продавници почнаа да го ограничуваат бројот на јајцата што може да се купат.

Повеќе од 166 милиони диви и домашни птици се убиени од почетокот на 2022 година, кога изби вирусот Х5Н1. Неделава американското Министерство за земјоделство објави дека од почетокот на годината се убиени 30 милиони живина. Тоа е 12,3 отсто од вкупниот број пилиња во кафез во САД и речиси осум отсто од вкупниот број пилиња што се одгледуваат на отворено.

Владата на САД побара помош од неколку европски земји во изминатите неколку недели, и покрај зголемените трговски тензии меѓу администрацијата на Трамп и Европската Унија поради казнените царини. Покрај тоа, Вашингтон во минатото постојано воведуваше ограничувања за увозот на јајца од Европа поради стравувањата од можно ширење на птичјиот грип.

Според пишувањата на медиумите, Американците воспоставиле контакт со здруженија на земјоделци во Данска, Шведска, Холандија, Германија, Шпанија, Франција и Италија, со цел да се разгледа можноста за извоз на произведениот вишок во САД.

Премногу јајца во Европа?

И Европа во последните три години имаше проблеми со птичјиот грип, што доведе до намалување на понудата на јајца низ целиот континент. Епидемијата најмногу ги погоди Полска, Унгарија и Франција. Во јануари оваа година, Португалија исто така пријави појава на птичји грип на фарма во близина на Лисабон. Оваа година во Обединетото Кралство беа воведени строги мерки за контрола на инфекциите, откако беше пријавен сомнителен случај на птичји грип во округот Тајрон, Северна Ирска.

Поради сето ова, капацитетот за извоз на свежи јајца во повеќето европски земји е ограничен. Претседателот на Германското здружение на производители на јајца, Ханс-Петер Голдник, вели дека иако Германија извезла одредено количество јајца преку бесплатната берза на сирова храна, обемот на овој извоз е мал.

Голдник за северногерманската јавна телевизија НДР на 19 март изјави дека е обезбедена доволна снабденост со јајца за Велигден, но ги повика Германците „да продолжат да консумираат јајца како и обично и да не складираат залихи“. Тој објасни дека во Германија нема недостиг, но и дека нема прекумерна понуда. Според официјалните статистички податоци, четвртина од јајцата во продажба во 2023 година биле увезени.

Претставник на финската влада задолжен за индустријата изјави за медиумите дека Финска сепак не може да помогне поради ограничувањата наметнати од САД за увозот. Тој додаде дека нема да биде поинаку ниту по отстранувањето на овие ограничувања, бидејќи со четири милиони несилки земјата ги покрива потребите и нема вишок. И шведските и данските владини претставници им дадоа на САД ист одговор и исто образложение.

Европската Унија не е ограничена само со американските увозни рестрикции. Тоа е и логистички проблем, поради кршливоста на јајцата и постојаната потреба за одржување еднаква температура при транспортот. Воздушниот транспорт е скап, а транспортот со брод трае долго.

Кој го произведува вишокот?

Минатиот месец Ројтерс објави дека Турција има намера да го зголеми извозот на јајца во САД. Во билатералниот договор со Вашингтон, Анкара вети дека ќе извезе дополнителни 15.000 тони јајца. Претседателот на Здружението на турски производители, Ибрахим Афјон, најави дека Турција до јули ќе испорача 240 милиони јајца во САД. Тоа е околу шест пати повеќе од вкупниот турски извоз во САД минатата година. Дополнителниот извоз на Турција ќе ѝ донесе приход од 26 милиони долари.

Блумберг во февруари објави дека Вашингтон планира да ѝ издаде дозволи за увоз на Холандија, најголемиот светски производител на јајца, за да го ублажи недостигот на домашниот пазар. Според извори од Европската Унија, плановите вклучуваат и течни и јајца во прав.

Кога ќе се стабилизира понудата?

Цената на јајцата во САД повторно падна во февруари, поради падот на побарувачката, но и зголемената понуда. Во средината на февруари просечната цена беше 8,15 американски долари (7,53 евра), но според податоците на американското Министерство за земјоделство, таа оттогаш е преполовена. Сепак, може да потрае додека ова намалување на цената да стигне до потрошувачите. Побарувачката би можела да се зголеми во наредните месеци, а постојаната појава на нови случаи на птичји грип може да го наруши производството.

Исто така, потребно е време за замена на убиената живина со нова, целиот процес трае четири до пет месеци. И потоа, производството е помало, се зголемува постепено. На фармите за кокошки им треба време да се вратат на нивоата пред избувнувањето на заразата. Прописите за биосигурност се строги, што дополнително го забавува процесот на обнова. Покрај тоа, многу производители го одложуваат размножувањето на нови млади несилки поради страв од нови инфекции. Како резултат на сето ова, цените веројатно ќе останат високи уште долго време, а недостигот од јајца на слободниот пазар ќе се задржи барем до крајот на годинава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ