четврток, 5 февруари 2026

Нецензурирани и експлицитни фотографии од жртвите на Епстин со денови биле јавно достапни

Нецензурирани фотографии и видеоснимки на голи луѓе, објавени во рамки на списите за Епстин, со денови биле јавно достапни на интернет, и покрај предупредувањата до американските функционери за пропусти во редакцијата.

Фото: Министерство за правда на САД

Објавено на

часот

Сподели

Адвокатите тврдат дека со тоа на жртвите им е нанесена „непоправлива“ штета, а списите содржат и други податоци што овозможуваат идентификација на десетици жртви на Епстин. Меѓу илјадниците документи има и такви што ги прегледал Би-би-си верифај, пишува Би-би-си.

Откако здруженијата на жртвите за време на викендот први предупредија на проблемот, њујоршки судија во вторникот соопшти дека Министерството за правда на САД се согласило итно да го реши.

Министерството потоа отстрани илјадници документи од својата интернет-страница, наведувајќи дека списите биле објавени поради „техничка или човечка грешка“. Но и покрај тврдењата на американската влада, Би-би-си верифај пронајде низа фотографии на кои лицата можат да се препознаат, а кои и понатаму биле јавно достапни.

Меѓу пронајдените материјали има четири фотографии што прикажуваат делумно облечени млади жени, чии лица и тела не биле цензурирани. Цензурата била недоследна, па така фотографиите на некои лица во одредени документи биле заматени, а во други целосно видливи.

Еден документ дури содржел две верзии од истата слика — една со цензурирано, а друга со целосно видливо лице. Во една видеоснимка е идентификувано лице што ја крева маицата и ги покажува градите пред камерата.

Покрај фотографиите, во медицинската документација и во правните искази биле откриени и други лични податоци. На две снимки од ултразвучни прегледи на фетус јасно се гледа името на едно лице, како и времето, датумот, локацијата на прегледот и гестациската возраст на фетусот. Во снимка од испрашување на Епстин, еден адвокат спомнува име на најмалку една жртва.

Адвокатите на жртвите на Епстин остро го критикуваа Министерството за правда поради пропустот.

„Нанесената штета е непоправлива“, изјави Бред Едвардс, адвокат што ги застапува жртвите. „Жртвите постојано нè повикуваат затоа што нивните имиња — иако никогаш не излегле во јавноста и биле целосно анонимни — сега се јавно објавени“, рече Едвардс, додавајќи: „Станува збор буквално за илјадници грешки“.

Иронично, токму Министерството за правда било задолжено за заштита на идентитетот на жртвите. Пред објавувањето на списите, заменикот на главниот државен обвинител Тод Бланш најавил одложување токму поради дополнителната работа на заштитата. „Го прегледуваме секој документ што ќе го објавиме за да обезбедиме секоја жртва — нејзиното име, идентитет и приказна — да бидат целосно заштитени во мерата во која е потребно“, изјави тој тогаш.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ