недела, 8 февруари 2026

„Не направив грешка“: Трамп одбива да се извини за расистичкото видео со Обамовци

Видеоклипот што претседателот Трамп го објави во доцните ноќни часови, во налет на активност на социјалните мрежи, предизвика невообичаено силна и јавна осуда од членови на неговата сопствена партија, пишува Њујорк тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот Трамп објави отворено расистичко видео во кое поранешниот претседател Барак Обама и поранешната прва дама Мишел Обама се прикажани како мајмуни, но инсистираше дека нема за што да се извинува, дури и откако го избриша видеото поради бранот осуди.

Клипот, придружен со песната „Лавот спие вечерва“, беше вметнат при крајот на 62-секундно видео што промовираше теории на заговор за изборите во 2020 година и беше меѓу низата линкови што Трамп ги објави доцна во четвртокот навечер. Тоа беше најновиот пример во неговото вообичаено промовирање навредливи слики и навреди за црните Американци и за други групи.

Зборувајќи со новинарите во петокот во претседателскиот авион, Трамп рече дека го видел само почетокот на видеото. „Го погледнав само првиот дел, беше за изборна измама некаде, Џорџија“, рече тој. „Не го видов целото видео.“

Потоа се обиде да ја префрли вината, сугерирајќи дека ѝ го дал линкот на друга личност за да го објави. „Им го дадов на луѓе, обично тие би го прегледале целото, но изгледа некој не го направил тоа“, им рече на новинарите.

Сепак, кога беше притиснат, Трамп не покажа каење. „Не, не направив грешка“, рече тој.

Реакцијата на Белата куќа во текот на денот — од инает, преку повлекување, до повторно заострување — беше впечатлив поглед кон една администрација што се обидува да ја контролира штетата соочена со широко распространето негодување, вклучително и од претседателовата сопствена партија, вели Њујорк тајмс.

Трамп е познат по понижувачки изјави за луѓе со различна боја на кожа, жени и имигранти, а со години особено ги напаѓа Обамовци. Во рамките на неговата администрација, расистичките слики и слогани станаа вообичаени на владините интернет-страници и профили, при што и Белата куќа, и Министерството за труд и Министерството за внатрешна безбедност промовираа објави што пренесуваат пораки на белечка надмоќ.

Но најновото видео погоди жичка што, очигледно, ја изненади Белата куќа. Прикажувањето на господинот и госпоѓата Обама како мајмуни го продолжува расистичкото клише, историски користено од трговците со робови и сегрегационистите за да се дехуманизираат црните луѓе и да се оправдаат линчувањата.

Најпрвин, портпаролката на претседателот, Каролин Ливит, ја отфрли критиката за видеото и не се ни обиде да го дистанцира претседателот од него.

„Ова е интернет-меме видео што го прикажува претседателот Трамп како Кралот на џунглата, а демократите како ликови од Кралот лав“, изјави Ливит во петокот наутро. „Ве молам престанете со лажниот гнев и известувајте за нешто што навистина им е важно на Американците.“

Но јасен знак на неодобрување дојде од републиканците на Капитол Хил, кои обично се воздржани во критиките кон претседателот и ретко го прават тоа со толку остар тон како во петокот.

Сенаторот Тим Скот од Јужна Каролина, единствениот црн републиканец во Сенатот и близок сојузник на Трамп, напиша на Икс дека се надева дека објавата е лажна „бидејќи ова е најрасистичката работа што сум ја видел од оваа Бела куќа“.

„Претседателот треба да ја отстрани“, напиша тој.

Скот е претседател на Националниот републикански сенаторски комитет, партиското тело задолжено за задржување на мнозинството во Сенатот, клучна улога во пресрет на меѓуизборите во ноември.

Пратеникот Мајк Лолер, републиканец од Њујорк, рече дека објавата на претседателот „е погрешна и крајно навредлива“. Пратеникот Мајкл Р. Тарнер, републиканец од Охајо, изјави дека „расистичките слики“ на Обамовци се „навредливи, срцепарателни и неприфатливи“. Сенаторот Роџер Викер од Мисисипи рече дека претседателот „треба да ги отстрани и да се извини“.

Откако објавата беше активна околу 12 часа, Трамп ја избриша — невообичаено повлекување за претседател што долго време е обвинуван дека ги понижува луѓето со различна боја на кожата.

Додека критиките продолжуваа да растат, сојузниците на Трамп се обидоа да ја одвлечат вината од претседателот, гарантирајќи за неговиот карактер и тврдејќи дека е виновен неидентификуван член на персоналот. Пастор поврзан со Трамп изјави дека разговарал директно со претседателот во петокот и дека Трамп рекол оти тој не го објавил видеото и дека знае дека сликите во него се „погрешни, навредливи и неприфатливи“.

Трамп не отиде ни приближно толку далеку во своите изјави во авионот.

Претседателот редовно го користи Трут соушл за да ги соопштува своите ставови; тој и мал круг доверливи соработници имаат пристап до неговиот профил. Неговиот фид е мешавина од политики, политичко пазарење и, сè почесто, мемиња и дипфејкови создадени со вештачка интелигенција.

Белата куќа обично реагира на критиките за вакви работи со заострување на ставот, потсмев или тврдења дека критичарите не знаат да прифатат шега.

Минатиот месец, кога администрацијата призна дека обработила фотографија од Некима Леви Армстронг, протестантка од Минесота, за да изгледа како црната адвокатка за граѓански права да е неуредна и вознемирена, портпаролот изјави дека тоа било само „меме“ и дека „мемињата ќе продолжат“.

Во октомври, кога Трамп објави видео генерирано со вештачка интелигенција во кое пратеникот Хаким Џефрис од Њујорк, лидерот на демократите во Претставничкиот дом, е прикажан со лажни мустаќи и сомбреро — слика што Џефрис ја нарече расистичка и шовинистичка — потпретседателот Џеј Ди Венс рече дека му било „смешно“ и дека администрацијата „се забавува“.

Даг Хеј, стратег на Републиканската партија, рече дека реакцијата овој пат била невообичаена. Белата куќа, според него, „сфати колкава катастрофална грешка беше ова, и тоа го сфати затоа што избраните републиканци директно им се спротивставија, во еден од ретките пати што сме го виделе тоа“.

Портпаролката на Обамовци одби да го коментира видеото.

Нападите на Трамп врз Обама датираат со години наназад. Уште во 2011 година, Трамп ја засили лажната „биртер“ теорија на заговор дека Обама не бил роден во Соединетите Држави и ја доведе во прашање легитимноста на неговото претседателство. Минатата година, Трамп сподели видео генерирано со вештачка интелигенција во кое Обама е прикажан како е уапсен во Овалната соба, а подоцна и во затвор.

Обамовци ретко одговараа на нападите на Трамп низ годините, но госпоѓата Обама, во говор на Демократската национална конвенција во 2024 година, отворено зборуваше за тоа дека била предмет на расизмот на Трамп.

„Со години, Доналд Трамп правеше сè што е во негова моќ за да ги натера луѓето да се плашат од нас“, рече таа. „Неговиот ограничен и тесен поглед на светот направи да се чувствува загрозен од постоењето на две вредни, високообразовани, успешни личности, кои, случајно, беа црни.“

„Тоа е неговата стара измама“, додаде таа, „пумпање на грдите, мизогини и расистички лаги како замена за вистински идеи и решенија што навистина би им ги подобриле животите на луѓето.“

Даглас Бринкли, историчар на претседателството, изјави дека видеото е „чист, тврдокорен расизам што го користи најстарото можно клише против црните луѓе“.

Употребата на содржини генерирани со вештачка интелигенција од страна на Трамп ги внесе некогаш маргиналните содржини во мејнстримот. Стотици корисници, кои секојдневно објавуваат анонимно, произведоа илјадници видеа и слики што ја изразуваат нивната наклонетост кон администрацијата на Трамп и ги исмејуваат неговите непријатели. Нивната работа често е груба и понекогаш расистичка.

Трамп стана исклучително плоден во репостирањето такви содржини.

Тој често самиот споделува објави во доцните ноќни часови, како низата објави што ги направи во четвртокот навечер. Во други случаи, тој им диктира објави на свои соработници или дозволува тие да објават подготвена содржина, вклучително и ажурирања за меѓународните односи и за политички поддршки. Многу од неговите објави се конспиративни или сурово исмејување на неговите противници.

Видеото што тој го сподели во четвртокот започнува како преглед на теории на заговор за изборите во 2020 година. Првично било прикажано на настан во 2021 година организиран од Мајк Линдел, извршен директор на компанија за перници и еден од најплодните ширачи на дезинформации за изборите во 2020 година.

Наратор е Фил Волдрон, пензиониран полковник на Армијата, кој беше повикан од Комитетот за 6 јануари поради напорите за поништување на изборите во 2020 година.

На крајот е вметнат клипот што ги прикажува Обамовци, кој, според сè, е преземен од видео споделено во октомври од корисник на Икс со натпис „Претседателот Трамп: Кралот на џунглата“.

Во тоа видео, неколку високи демократи — меѓу кои поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, пратеничката Александрија Окасио-Кортез од Њујорк, градоначалникот Зохран Мамдани од Њујорк, поранешниот претседател Џозеф Р. Бајден Помладиот и поранешната потпретседателка Камала Харис — се прикажани како различни животни, додека Трамп е прикажан како лав. Видеото завршува со тоа што животните му се поклонуваат на Трамп. (Претседателот го сподели само делот од видеото во кој Обамовци се прикажани како мајмуни.)

Квентин Џејмс, коосновач на Колектив ПАК, организација што има цел да избира црни функционери во Америка, го спореди видеото со „дигитално минстрелско шоу“, форма на забавен театар во САД во 19 век, во кој (најчесто бели) изведувачи со нацрнети лица исмејувале црни луѓе, прикажувајќи ги како глупави, примитивни, мрзливи или животински.

„Фактот што актуелен претседател сега користи вештачка интелигенција за да ги шири истите дехуманизирачки слики што се појавуваа во пропагандата од 19 век треба да го вознемири секој Американец, без разлика на партиската припадност“, рече Џејмс. „Ова е континуитетот од минстрелството до Трут соушл, а намерата е идентична: да им се одземе човечноста на црните луѓе за политичка забава.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ