Предизвиците на ефикасната одбрана
Неодамнешните тестови на хиперсонични ракети кои ги спроведоа американските ривали го истакнаа предизвикот во наоѓањето ефикасна одбрана од напредното оружје, како и тешкотиите со кои САД се соочија во развојот на програмата на хиперсонични ракети, укажува Волстрит џурнал.
Хиперсонично значи дека тие ракети можат да достигнат брзина пет пати поголема од брзината на звукот, или повеќе од километар и пол во секунда, објаснува весникот, додавајќи дека во воената терминологија хиперсонична ракета не е секоја ракета која оди со таа брзина, туку дека терминот е резервиран за проектили со кои може да се маневрира пред да ја погодат целта и кои не одат по едноставна траекторија.
Поради нивните маневарски способности, хиперсоничните ракети се потешки за следење и уништување. Тие често почнуваат да се спуштаат на пониски висини од другите балистички проектили, што им овозможува да летаат под зоните кои ги покриваат радарските системи.
Според поранешниот заменик началник на здружениот штаб на американската војска Џон Хајтен, Кина спровела стотици тестови на хиперсонични балистички ракети, вклучувајќи два во летото 2021 која ракетите ја обиколиле планетата. Русија исто така развива хиперсонични проектили. Ракетните проби на Северна Кореја сугерираат дека и таа земја има хиперсонични балистички ракети. Покрај тоа, уште неколку други земји меѓу кои Британија и Индија, работат на истражување на таа технологија.
американски одбранбени функционери велат дека развојот на хиперсоничните ракети сега е приоритет, укажува весникот и истакнува дека САД работат на неколку програми за развој на хиперсонични ракети, но дека во 2021 имале два неуспешни теста на хиперсонични „глајдери“.
Предизвиците во подготовката на оружјето од следната генерација
Американската војска нема доволно големи области за темелно тестирање на новото хиперсонично оружје, како ни капацитети за соодветно да ја процени заканата од новите верзии на хиперсоничните ракети кои ги развиваат Кина и Русија, наведува Блумберг според наодите во извештајот на Пентагон за тестирањата.
Годишниот извештај, во кој Блумберг имал увид, укажува на низа тесни грла во напорите на САД да се подготват за оружјето од следната генерација.
Постоечките области во САД кои имаат коридори без цивилен и комерцијален воздушен сообраќај ќе бидат преоптоварени со зголемувањето на нивната употреба од над 50 отсто до 2025 освен ако не се прошират.
Покрај тоа, извештајот утврдил дека министерството за одбрана мора да ги подобри моделирањето и симулациите на напад на противник бидејќи сега не е во состојба соодветно да покаже дека може да постигне неопходно рано откривање на доаѓачките проектили, ефикасно следење и пресретнување.
Функционерите на Пентагон, воените служби, аналитичките групи и шефовите на корпорациите – кои ќе заработат милијарди од новото оружје – се фокусирале главно на потребата да се стигнат кинеската и руската хиперсонична програма, истакнува Блумберг и додава дека Пентагон планира да потроши 12,6 милијарди долари на хиперсоничното оружје до 2025.
САД заостануваат зад ривалите
САД имаа предност во развивањето на хиперсоничното оружје, но потоа ги стигнаа другите земји, пишува колумнистот на Вашингтон пост Дејвид Игнејшс.
Пентагон почнал да ја проучува хиперсоничната технологија во раните 60-ти, за во 2003 Агенцијата за напредни одбранбени истражувачки проекти (ДАРПА) да почне програма за дизајнирање платформа за хиперсонично оружје. Неколку години подоцна спроведе два теста на прототипи на хиперсонични ракети, но и во двете проби проектилите изгубиле комуникација со контролата набрзо по лансирањето.
Поранешниот заменик началник на здружениот штаб Џон Хајтен кажа дека САД имале предност во развојот на тоа оружје, но дека по почетните неуспеси ја откажале програмата. „Потоа другите почнаа да прават хиперсонично оружје… и почнаа брзо да напредуваат, така што повторно ги почнавме тие програми“, додаде тој.
Заменик шефот на вселенските сили на САД Дејвид Томсон кажа дека Пентагон има многу за надокнадување и предупреди дека американската војска „не е напредна како кинеската или руската во смисла на хиперсоничните програми“.
Сега, кога војската на САД се обидува брзо да ги стигне ривалите, укажува колумнистот на Вашингтон пост, неизбежно прави нови грешки – сите три теста на хиперсонично оружје минатата година беа неуспешни.
Сепак, американските воени функционери велат дека САД мораат да продолжат и покрај тие неуспеси, иако, како што се наведува во текстот, не е лесно да се научи да се живее со неуспеси. Меѓутоа, од суштинско значење е модернизирањето на војската која е пренатрупана со стари оружени системи како авиони ловци или носачи на авиони, пишува Вашингтон пост.
Закана за американскиот систем за рано предупредување
Хиперсоничното оружје на Русија и Кина го загрозува американскиот систем за рано предупредување, истакнува соработникот на Институтот Хадсон и поранешен претседател на Научниот одбор за одбрана во Пентагон Вилијам Шнајдер во мислењето за Фајненшал тајмс со оценка дека САД, поради ставот дека нема да ја користат вселената за офанзивни воени цели, се поранливи во однос на оние кои го немаат тој пристап.
Кинеските и руските тестови на хиперсонични ракети се значителен развој во напорите за нуклеарна модернизација во двете земји, укажува американскиот експерт, додавајќи дека маневрирачките хиперсонични ракети не се само уште едно средство за испорака на нуклеарни боеви глави, туку суштински дел од системот дизајниран да ги совлада капацитетите на САД за рано предупредување. Тој систем е клучен за одржување ефикасно одвраќање од нуклеарен напад.
Додека Кина и Русија развија напредни офанзивни капацитети во вселената, администрацијата на претседателот Џо Бајден ја гледа вселената како „клучна за модерното војување“, но останува на позицијата дека САД нема да ја користат вселената за офанзивни воени намени.
Со маневрирање на сателитите за офанзивни вселенски операции во близина на американските сателити, Кина и Русија можат да изведат низа офанзивни операции, меѓу кои попречување и уништување на сензорите, испраќањето податоци или системите за напојување на сателитите, со уфрлање малвер со сајбер техники. Сето тоа е засилено со нивната можност за сајбер напади на клучната американска инфраструктура од која зависат и воените операции.
Заедно со тие операции, кинеските и руските маневрирачки хиперсонични ракети можат да го совладаат американскиот систем за рано предупредување, наведува американскиот експерт и истакнува дека во тие околности САД нема да го забележат ракетниот напад, поради што можноста за одговор ќе биде значително ограничена.






