Кина, која во моментов е на првото место во светот по емисиите на штетни гасови и потрошувачката на јаглен, планира во 2022 да додаде 180 гигавати нови капацитети за производство на енергија од горива кои не се фосилни. Така вкупните капацитети за производство од извори кои не се фосилни би се зголемил на 1.300 гигавати, објави во својот најнов извештај Советот.
Тоа би било половина од вкупно 2.600 гигавати енергетски капацитет инсталиран до крајот на оваа година, од што на јаглен отпаѓаат 1.140 гигавати.
Кина се обврза да ја контролира потрошувачката на јаглен во периодот од 2021 до 2025 година и да го зголеми вкупниот енергетски капацитет од обновливи извори, ветер и сонце, на најмалку 1.200 гигавати до крајот на оваа деценија и до 2060 година да постигне јаглеродна неутралност.

Во својот извештај Советот прогнозира дека потрошувачката на електрична енергија во Кина во 2022 година ќе порасне за околу 5 до 6 отсто во однос на минатата година, со што ќе достигне од 8,7 до 8,8 билиони киловат часови.
„Очекуваме снабдувањето и побарувачката за електрична енергија во 2022 да се врамнотежи во целата земја. Но во некои региони би можело да дојде до пречки во снабдувањето за време на најголемата побарувачка во летните и зимските месеци“, објави Кинескиот совет за електрична енергија во извештајот.
Минатата година повеќе од половина од кинеските региони имаа проблем со повеќемесечен недостиг од електрична енергија, што е делумно последица на ниското производство на хидроенергија, како и недоволното снабдување со јаглен.






