Некои од овие групи се закануваат, други само пружаат поддршка. Исто така, многумина од нив имаат отворена поддршка од државите во кои работат, додека други се независни. Заедничко им е што можат да направат голема штета.
Анонимус е веројатно најпознатата хакерска и активистичка група и тие на социјалните мрежи објавија дека се „во официјална сајбер војна против руските власти“. На Твитер објавија дека нивна мета е руската телевизија РТ, а неколку пати го соборија сајтот на информативната мрежа.
The Anonymous collective is officially in cyber war against the Russian government. #Anonymous #Ukraine
— Anonymous (@YourAnonOne) February 24, 2022
Од друга страна, ренсомвер групата Конти ѝ пружи поддршка на Русија. Во соопштенијата оваа група истакнува дека не се придружува на ниедна влада и дека ја осудува војната, но дека ќе одговори на сајбер агресијата на Западот на инфраструктурата на Русија. Групата Конти е една од најактивните во сферата на ренсомверот и е одговорна за бројни напади на компании кои управуваат со индустриски контролни системи.
УНЦ1151 групата, со седиште во Минск, е на страната на Русија во овој конфликт. Се верува дека оваа група ја финансира Белорусија, а веќе се обидела да хакира електронска пошта на украински војници.
Руските хакери наречени Сендворм наводно ги спонзорира државата и тие се приврзани на Русија. Истата ситуација е и со групата Ред бандитс, кои на 22 февруари објавија дека ги хакирале камерите на полицијата на Украина и се заканиле со посилни ренсомвер напади доколку Украина не го направи тоа што Русија го сака.
We’ve hijacked the @UkrainePolice Dashcams and have been watching them. If Ukraine does not do what #Russia wants we will escalate our attacks against Ukraine to involve panic scares. We will also consider distributing #ransomeware in #UkraineRussiaCrisis #RussiaUcraina #Ukraine pic.twitter.com/zEgtZxzDqP
— TheRedBanditsRU (@RedBanditsRU) February 22, 2022
На страната на Русија е и помалку познатата ренсомвер група Куминг проџект, која најави помош на руската влада во случај на сајбер напади.
Потезите на хакерите од Русија ја натераа Украина и самата да ја ангажира оваа специфична ИТ заедница за да се одбрани. Министерството за одбрана на Украина испрати порака до украинската хакерска заедница да се вклучи во мисијата на одбрана на земјата и да дејствуваат офанзивно против Русија во операциите на сајбер шпионирање.
Познатиот хакерски форум Рејдфорумс, кој се бави со трговија на украдени податоци, објави дека форумот е затворен за корисници од Русија, со што јасно застанаа на страната на Украина.
Сите овие случувања се јасен знак дека сајбер безбедноста е од исклучително значење во денешниот свет. Иако сè што се случува во Украина е подложно на манипулација и постојат голем број лажни информации, видливо е дека и сајбер безбедноста е од големо значење за сите страни во овој конфликт.






