Матичната компанија на Фејсбук Мета нетворкс објави дека во трите месеци до крајот на декември забележала 1.929 милијарди активни дневни корисници, во однос на 1.930 милијарди во претходното тромесечје.
Падот е забележан во САД, Канада, Австралија, Јужна Америка и Африка.
Приходот е зголемен за 20 отсто во однос на истиот период претходната година, на 33,7 милијарди долари, покажува извештајот објавен во средата.
Компанијата најголемиот дел од приходите го остварува со огласување, кое на крајот на 2021 им донело 32,4 милијарди долари и приходот бил поголем за 19,5 отсто отколку на крајот на 2020.
Нето добивката е намалена за осум отсто, на 10,28 милијарди долари.
Извршниот директор Марк Закерберг истакна дека приходот е закочен од преминувањето на корисниците, особено помладите, кај конкуренцијата.
Во компанијата проценуваат дека приходот на почетокот на оваа година ќе им изнесува меѓу 27 и 29 милијарди долари.
Иако компанијата вложува во видео-секторот за да се натпреварува со Тикток, во сопственост на кинескиот технолошки џин Бајтденс, помалку заработува на тие услуги отколку на традиционалните содржини на Фејсбук и Инстаграм.
Закерберг е уверен дека вложувањата во видео и виртуелната реалност ќе се исплати, како и вложувањата во мобилното огласување и приказните на Инстаграм, но истакна дека компанијата тогаш немала толку жестока конкуренција.
„Тимовите работат прилично добро и производот расте многу брзо“, кажа шефот на Мета. „Новост е тоа што во одредена мера Тикток сега е голем конкурент и што исто така продолжува да расте со прилично голема брзина“, кажа Закерберг.
Акциите на Мета ослабеа повеќе од 20 отсто по работното време на њујоршката берза вчера, што избриша околу 200 милијарди долари од нејзината пазарна вредност.






