Научниците, претежно со седиште во Австралија, истакнуваат нови докази за брзи промени во антарктичката средина – повлекување на морскиот мраз, забавување на океанските струи, топење на ледените покривки и закани за опстанокот на одредени видови, како што се царските пингвини.
„Антарктикот покажува загрижувачки знаци на промени во однос на мразот, океаните и екосистемите. Некои од овие брзи промени ќе биде тешко да се запрат и ќе имаат последици за идните генерации“, изјави за Франс прес Нерили Абрам, истражувачка на Австралискиот национален универзитет и главен автор на студијата.
Научниците со години предупредуваат на ризиците што ги претставуваат климатските промени предизвикани од човекот за Антарктикот и потенцијално катастрофалните последици за иднината, како што е зголемувањето на нивото на морето предизвикано од топењето на мразот.
Но студијата покажува и како овие промени се меѓусебно поврзани и би можеле, за возврат, да ги влошат климатските промени, истакнува Нерили Абрам.
Повлекувањето на морскиот мраз, на пример, ја намалува неговата способност да ја рефлектира сончевата енергија (албедо-ефект), со што го влошува глобалното затоплување.
Британскиот институт за поларни истражувања (БАС) исто така покажа, во студија објавена во јуни, дека колониите на царските пингвини исчезнуваат побрзо од очекуваното поради повлекувањето на оваа ледена покривка.
Забавувањето на антарктичката океанска струја и топењето на ледените покривки, исто така, меѓусебно се зајакнуваат, маѓепсан круг што научниците го нарекуваат повратна јамка.
Овие феномени го поттикнуваат глобалното затоплување и долгорочното зголемување на нивото на морето.
За западната антарктичка ледена покривка веќе е идентификувано дека е изложена на ризик од неповратен колапс поради зголемувањето на температурите.
Топењето на морскиот мраз го зголемува нивото на океаните, феномен што веројатно ќе трае со векови и ќе продолжи дури и ако климата се стабилизира.
Оваа област на Антарктикот содржи доволно замрзната вода за да ги подигне светските океани за околу шест метри. Половина од оваа маса, еквивалентна на околу три метри, би била изложена на ризик од неповратен колапс во блиска иднина.
Авторите на студијата веруваат дека единствениот сигурен начин да се намали ризикот од нагли промени во антарктичката средина е брзо и длабоко да се намалат емисиите на ЦО2 оваа деценија и да се ограничи затоплувањето на нивото утврдено со Парискиот договор за климатските промени.






