петок, 27 февруари 2026

Научниците чекор поблиску до универзална вакцина, би се применувала како спреј за нос

Развојот на универзална вакцина против настинка, грип, ковид и алергии значително напредува, сметаат научниците.

Фото: АИ

Објавено на

часот

Сподели

Експерти од Медицинскиот факултет на Универзитетот Стенфорд во САД развиле универзална вакцина што би можела да се применува како спреј за нос и да штити од широк спектар респираторни вируси, бактерии и алергени.

Истражувањето, чии резултати се објавени во списанието Саенс, е спроведено на глувци и им обезбедило широка заштита во белите дробови во текот на неколку месеци.

Вакцинираните глувци биле заштитени од ковид и други коронавируси, стафилококи (кои можат да ја инфицираат кожата и да предизвикаат сепса), бактеријата ацинетобактер баумани (која може да предизвика инфекции на крвта, уринарниот тракт и белите дробови), како и од грини од домашна прашина.

Ако ваквите резултати се пренесат на луѓето, оваа вакцина би можела да замени повеќе годишни вакцини против зимските респираторни инфекции. Таа исто така потенцијално би можела да делува против нови причинители на пандемиски болести, велат авторите.

Д-р Бали Пулендран, директор на Институтот за имунитет, трансплантација и инфекција при Универзитетот Стенфорд и главен автор на истражувањето, рече: „Мислам дека имаме универзална вакцина против различни респираторни закани.“

„Замислете во есенските месеци да добиете спреј за нос што ве штити од сите респираторни вируси, вклучувајќи ковид, грип, респираторен синцицијален вирус (РСВ, најчест причинител на бронхитис) и обична настинка, како и од бактериска пневмонија и алергените од рана пролет. Тоа би ја променило медицинската практика“, рече тој.

Истражувачите сега се надеваат дека ќе ја тестираат вакцината на луѓе. Д-р Пулендран смета дека две дози од спрејот за нос би биле доволни за заштита кај луѓето и проценува дека, со доволно финансирање, вакцината би можела да биде достапна за пет до седум години.

Во истражувањето научниците ја докажале заштитата кај глувци и покажале дека корисните Т-клетки во белите дробови, кои дејствуваат против патогени, можат да испраќаат сигнали до вродените имунолошки клетки за да ги одржат активни.

Значи, наместо да се обидува да имитира дел од патогенот, вакцината ги имитира сигналите што имунолошките клетки ги користат за меѓусебна комуникација за време на инфекција.

„Звучи предобро за да биде вистина“

„Истражување што тврди дека постои универзална респираторна вакцина звучи предобро за да биде вистина, но истражувачите можеби дошле до нов концепт на вакцинација ако резултатите кај глувците се потврдат во идни истражувања на луѓе“, изјави Брендан Врен, професор по микробна патогенеза на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, кој не учествувал во истражувањето.

„Концептот се темели на имитирање на сигналите што нашите имунолошки клетки ги користат за заштита, наместо на традиционалните вакцини што се потпираат на компоненти од поединечни патогени. Новата вакцина поттикнува повеќе делови од имунолошкиот систем и се чини дека ја објаснува широката заштита кај глувците“, додаде тој.

„Тоа е пристап што ветува и може да има широка примена и важни импликации. Сепак, сè уште е рано, бидејќи досегашните истражувања се спроведени само на глувци, иако покажуваат добри имунолошки одговори“, продолжи тој.

„Следната фаза би била целосно контролирани испитувања на заштитата од вакцината, со директна споредба со постојните формулации на вакцини, но долг е патот пред да знаеме дали овој пристап создава безбедна и ефикасна вакцина за луѓе“, заклучи тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ