Оваа промена можеше да помине незабележано меѓу вревата од драматични дипломатски изјави. Меѓутоа, таа се однесува на длабоко стратегиско и техничко прашање: правилата за ангажирање на НАТО, кои ја поставуваат рамката и нивото на воен одговор во случај на напад или агресија.
Тие правила се претежно доверливи, пишува Монд, додавајќи дека ниеден командант на воена сила или единица никогаш не ги открива деталите за критериумите кои би ги навеле да изберат една воена опција пред друга како одговор на потег на противникот, бидејќи тоа би можело да ја поткопа нивната ефикасност. Единствен исклучок е кога целта е да се одврати непријателот од дејствување.
Алексус Гринкевич, новиот американски генерал на чело на сојузничките сили на НАТО, минатата недела во внимателно одмерен разговор со новинарите на еден француски весник ја опиша чувствителната промена усвоена за време на вонредниот состанок на Северноатлантскиот совет (НАЦ во Брисел на 23 септември.
Досега авионите кои патролираа по источното крило на границите главно беа ограничени на пресретнување на руските авиони кои се приближуваат премногу до воздушниот простор на НАТО. За секоја друга акција беше потребен консензус меѓу сојузниците. Но, генералот Гринкевич сега одобри многу помалку помирлив пристап – еуфемистички опишан како „пофлексибилен“ – кој ѝ овозможува на секоја земја која се чувствува нападната сама да одлучи за соодветниот одговор.
Очигледното прашање што произлегува од оваа изјава е дали членка на НАТО сега може да собори руски борбен авион ако влезе во нејзиниот воздушен простор, наместо само да го „пресретнува“ и да го „испрати“ назад на својата територија, како што диктираа претходните правила. Одговорот сега може да биде потврден, пишува Монд и додава дека шефот на силите на НАТО бил претпазлив и не открил какви мерки за заштита би можеле да се воведат за да се избегне таква ескалација.
Кремљ: Несовесно и опасно
Кремљ на крајот од минатата недела соопшти дека разговорите за соборување на руски воени авиони над Европа се несовесни, агресивни и претставуваат сериозна ескалација на тензиите во близина на руската граница.
Агенцијата Блумберг минатата недела објави дека европските дипломати го предупредиле Кремљ на приватен состанок дека НАТО е подготвен целосно да одговори на понатамошни нарушувања на неговиот воздушен простор, вклучително и соборување на руски авиони.
На напнати состанок во Москва, британски, француски и германски претставници, според американската агенција, изразиле загриженост поради навлегувањето на три ловци МиГ-31 над Естонија минатата недела. Според извори кои зборувале под услов на анонимност, дипломатите заклучиле по состанокот дека нарушувањето на воздушниот простор е намерна тактика наредена од руски команданти.
Трамп ги поддржа лидерите на НАТО, вклучувајќи го и полскиот премиер Доналд Туск, кој силно повика на соборување на руски авиони, додека германскиот министер за одбрана Борис Писториус предупреди дека сојузниците ризикуваат „несвесно“ да паднат во „стапицата за ескалација“ на Путин ако отворат оган врз руски авиони.
„Доколку НАТО собори руски авион под изговор дека наводно го нарушил нејзиниот воздушен простор, тоа ќе значи војна“, изјави во четвртокот рускиот амбасадор Алексеј Мешков за време на интервју за француската радио станица РТЛ.
Други лидери на НАТО, вклучувајќи ја и италијанската премиерка Џорџа Мелони, повикаа на претпазливост, предупредувајќи ги сојузниците да не потпаднат на провокацијата на Кремљ. Сепак, холандскиот премиер Дик Скоф рече дека ќе го поддржи соборувањето на авионите. „Русите треба да бидат свесни дека ова може да се случи ако влезат во воздушниот простор на НАТО“, кажа Скоф во интервју во Њујорк во четврток.
Упадите со беспилотни летала и борбени авиони не се ништо ново. Воздушните граници на Алијансата, особено над Балтикот, ги прават тесните коридори предмет на недоразбирања и бројни маневри во сивата зона. Од 2022 година, НАТО пријави помеѓу 300 и 500 пресретнувања на руски авиони годишно.
Примерот на Турција
Сепак, по серијата неодамнешни нарушувања на воздушниот простор на НАТО, некои сојузници се потсетија на брзата и смртоносна реакција на Турција пред една деценија, кога собори руски борбен авион кој ја премина нејзината јужна граница.
Литванскиот министер за одбрана Довиле Сакалиене објави на социјалната мрежа Икс дека Турција „пред 10 години постави пример“ за НАТО, повикувајќи на порешителни потези во услови на денешните „тестирања“ од Русија.
На 24 ноември 2015 година, турски Ф-16 собори руски Су-24 во близина на сириската граница. На драматичните снимки се гледаше авионот во пламен додека се уриваше во шумскиот терен, што го означи првиот таков воен конфликт меѓу членка на НАТО и Москва од основањето на алијансата во 1949 година.
Турција, која ја има втора најголема војска во НАТО, соопшти дека издала повеќекратни предупредувања пред да одлучи да ги примени сегашните правила за употреба на сила. Москва негираше какво било неправедно однесување, ги замрзна односите и наметна ограничувања во трговијата и туризмот врз Анкара.
За неколку часа НАТО свика итен состанок и изрази солидарност со територијалниот интегритет на Турција, но во исто време повика на смиреност. Последователните потези на Алијансата, вклучително и летови за надзор и рано предупредување, имаа за цел деескалација, а не провоцирање на конфронтација.
Сепак, во 2015 година, Турција се почувствува изложена поради, според енеа, млаката реакција на НАТО и економските последици предизвикани од соборувањето на рускиот авион. На крајот, иронично, ова ја наведе Анкара да бара поблиски врски со Москва, кои се одржуваат дури и за време на сегашната војна во Украина, пишува Ројтерс.
Ѕид против дронови
Лидерите на Европската Унија на вчерашниот состанок во Копенхаген разговараа за „ѕидот против дронови“ за заштита на континентот од руски дронови. Иако Европската комисија сè уште не изготвила детален план за проектот, оставајќи ги отворени прашањата за трошоците и практичната примена, генералниот секретар на НАТО Марк Руте ја пофали идејата како „навремена и неопходна“.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, пак, ги критикуваше европските планови за ѕид против дронови.
„Како што покажа историјата, градењето ѕидови никогаш не е исправно“, им кажа Песков на новинарите.






