„Ракетата е уништена од системите за противвоздушна одбрана на НАТО, распоредени во источниот Медитеран“, се наведува во соопштението.
Се додава дека делови од муницијата паднале на празни полиња во Газиантеп, на југоистокот на Турција, и дека нема загинати ниту повредени.
„Уште еднаш нагласуваме дека решително и без двоумење ќе бидат преземени сите неопходни чекори против секоја закана насочена кон територијата и воздушниот простор на нашата земја“, соопшти Министерството за одбрана.
Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган го предупреди Иран да се воздржи од какви било понатамошни „провокативни чекори“, откако иранската балистичка ракета влегла во турскиот воздушен простор.
Тој го повика Техеран да се воздржи од дејства што „фрлаат сенка врз нашите илјадагодишни пријателски и братски врски“, додавајќи дека Иран продолжува да презема „исклучително погрешни и провокативни чекори“, и покрај „искрените предупредувања“ од Турција, пренесува Си-ен-ен.
Неговите изјави, пренесени од турската државна новинска агенција Анадолу, уследија откако балистичка ракета истрелана од Иран влегла во турскиот воздушен простор, пред да биде неутрализирана од воздушните и противракетните сили на НАТО во источен Медитеран.
Ердоган рече дека турските сили се во состојба на подготвеност од почетокот на конфликтот и дека Турција 24 часа дневно го следи својот воздушен простор со борбени авиони Ф-16, авиони за рано предупредување и танкер-авиони.
Ова е втор таков инцидент
Станува збор за втор ваков инцидент во рок од една недела. Анкара во четвртокот соопшти дека одбранбените системи на НАТО собориле балистичка ракета додека се движела кон турскиот воздушен простор, но Техеран негираше дека ја истрелал таа ракета.
Тој „сериозен“ инцидент го поттикна генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, да изјави дека активирањето на членот 5 засега не е на маса.
Членот 5 предвидува дека, доколку некоја членка на НАТО биде изложена на оружен напад, сите други членки на Алијансата тоа ќе го сметаат за напад врз нив и ќе преземат мерки што ги сметаат за неопходни за да ѝ помогнат на нападнатата сојузничка држава.






