„И понатаму сме загрижени поради најновите настани во Босна и Херцеговина. НАТО силно ги поддржува територијалниот интегритет и суверенитетот на Босна и Херцеговина согласно Дејтонскиот договор, кажа заменичката на генералниот секретар Радмила Шеќеринска пред состанокот на Северноатлантскиот совет, составен од амбасадорите на членките на НАТО.
На состанокот на кој се разговара за состојбата во БиХ се поканети членовите на претседателството на таа земја Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ.
Босна и Херцеговина се соочува со уставна криза откако по лидерот на босанските Срби Милорад Додик е распишана внатрешна потерница и одреден му е едномесечен притвор во рамки на истрага поради наводен обид за уривање на уставниот поредок.
Потоа властите на Република Српска донесоа мерки со кои се негира авторитетот на централните институции на подрачјето на тој ентитет.
„Дејтонскиот мировен договор мора да се почитува, тој е камен темелникот на босанскохерцеговската државна архитектура. Второ, мора да се почитува уставниот поредок во Босна и Херцеговина. Нема да прифатиме никаков безбедносен вакум во БиХ и нема да дозволиме тешко стекнатиот мир да биде загрозен“, оцени Шеќеринска.а