понеделник, 15 декември 2025

НАТО: Остро ги осудуваме злонамерните сајбер активности на Русија

НАТО денеска објави дека остро ги осудува злонамерните сајбер активности на Русија кои претставуваат закана за безбедноста на нејзините западни сојузници и ја повика Москва да престане со своите дестабилизирачки акции.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Во соопштение објавено на веб-страницата на НАТО, Северноатлантскиот совет соопшти дека Естонија, Франција, Обединетото Кралство и САД неодамна ѝ припишале на руската воена разузнавачка служба (ГРУ) злонамерни сајбер активности насочени против неколку членки на НАТО и Украина.

Главното тело за донесување политички одлуки на НАТО потсетува дека Германија и Чешка во 2024 година поединечно ги припишаа ваквите активности на руската хакерска група APT 28, финансирана од ГРУ, и додава дека „со загриженост забележува дека и други владини субјекти, оператори на критична инфраструктура и други субјекти низ алијансата исто така биле цел на истиот актер“.

„Континуираните напади врз нашата критична инфраструктура, со штетни влијанија врз повеќе сектори, илустрираат како сајбер и пошироките хибридни закани станаа важни алатки во руската кампања за дестабилизација на сојузниците во бруталната војна на агресија на Русија против Украина“, соопшти Северноатлантскиот совет.

Советот ја повика Русија „да престане со дестабилизирачките сајбер и хибридни активности, кои го покажуваат непочитувањето на Русија кон Рамката на Обединетите нации за одговорно однесување на државите во сајбер просторот, до која Русија тврди дека се придржува“.

„Активностите на Русија нема да ја одвратат поддршката на сојузниците за Украина. Ќе продолжиме да ги користиме лекциите научени од војната против Украина за да се спротивставиме на злонамерните сајбер активности на Русија“, додаде Советот.

Тоа тело наведува и дека НАТО се залага за слободен, отворен, мирен и безбеден сајбер простор и ги повикува сите држави, вклучително и Русија, да ги почитуваат своите меѓународни обврски, дури и кога работат во сајбер просторот, и да дејствуваат во согласност со рамката на ОН за одговорно однесување на државите во сајбер просторот.

„Остануваме обединети во нашата решеност да се соочиме, ограничиме и оспориме злонамерните сајбер активности на Русија и да инвестираме во нашата одбрана. Решени сме да ги искористиме сите можности за одвраќање, одбрана и спротивставување на целиот спектар на сајбер закани. Ќе одговориме на нив во време и на начин што ќе го избереме, во согласност со меѓународното право и во координација со нашите меѓународни партнери, вклучително и ЕУ“, соопшти Северноатлантскиот совет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ