Меѓу предложените мерки се подобро користење на разузнавачките капацитети за надзор на Арктикот, зголемување на трошоците за одбрана во тој регион, преместување воена опрема и одржување почести воени вежби.
Низата предлози јасно ја покажува растечката европска загриженост поради американските намери кон Гренланд. Белата куќа оваа недела ги засили своите барања и одби да ја исклучи можноста за воено преземање. Европските земји се обидуваат да го смират Трамп и да избегнат воена интервенција, за која Данска предупреди дека би значела „крај на сојузот“.
Брзината со која се бараат решенија, само неколку дена по последните изјави од Вашингтон, покажува колку сериозно Европа го сфаќа овој ултиматум и егзистенцијалниот ризик што инвазијата на Гренланд би го претставувала за трансатлантските односи. Се очекува функционерите на НАТО сега да разработат конкретни опции за амбасадорите.
Како причини за контрола над Гренланд, Трамп ги наведува богатството со суровини и наоѓалиштата на нафта, но и наводната закана од руски и кинески бродови во близина. Меѓутоа, експертите во најголем дел ги оспоруваат тие тврдења, истакнувајќи дека Москва и Пекинг се фокусирани на одбранбени активности – како заеднички патроли и воени инвестиции – првенствено во источниот Арктик.
Состанокот на 32 амбасадори во НАТО поминал без директна конфронтација, а еден од дипломатите ја опишал атмосферата како „продуктивна“ и „конструктивна“. Данскиот амбасадор, кој зборувал прв, нагласил дека спорот е билатерално прашање, но се фокусирал на успесите на арктичката стратегија на НАТО и потребата од понатамошна работа, што наишло на широка поддршка.
Прашањето за Гренланд било покренато и на состанокот на амбасадорите на Европската Унија, каде што членките изразиле солидарност со Данска. Се очекува Данска денес да им поднесе и формален извештај на своите партнери од Европската Унија.






