Агенцијата за поддршка и набавки на НАТО (НСПА) е во центарот на голем корупциски скандал, а сегашни и поранешни вработени се под истрага поради поткуп, пишува истражувачката платформа „Следи ги парите“ (ФТМ, Follow the Money).
Неколку осомничени беа уапсени во мај во полициски рации во седум земји.
Наводно, компании од одбранбената индустрија плаќале мито вредно потенцијално неколку милиони евра за да обезбедат договори преку НСПА за снабдување на земјите членки на НАТО.
Документите до кои дошла ФТМ покажуваат дека НСПА ја суспендирала Елбит системс – водечки добавувач на НАТО – на 31 јули.
Неколку нејзини тековни договори се ставени на пауза, а компанијата има забрана да учествува на нови тендери.
ФТМ дополнително наведува дека клучна личност поврзана со Елбит системс, италијанскиот државјанин Елија Е., се наоѓа на меѓународна потерница поради корупција.
Белгиското обвинителство потврдило дека по него е издадена меѓународна потерница на 30 септември.
Осомничениот, на возраст од шеесет години, е обвинет не само за корупција, туку и за учество во криминална група.
Тој сè уште не е уапсен и е можно да патува под лажно име, пренесува ФТМ.
Иако нема јавни информации што директно го поврзуваат Елија Е. со Елбит системс, лица упатени во случајот тврдат дека делувал како консултант на компанијата.
Елбит системс засега не е под истрага.
Истрагите за корупцијата во НСПА се во тек во Белгија и Луксембург, каде што се наоѓа седиштето на агенцијата.
Две истраги што ги покренаа американските власти биле ненадејно прекинати во јули, што покрена прашања за политичко мешање, како што откри ФТМ во октомври.
НСПА, која е одговорна за помош на владите и на самиот НАТО во набавка на воена опрема, забележала значителен раст на приходите по руската инвазија врз Украина во 2022 година.
Проектираниот износ на трошоци на агенцијата за оваа година е 9,5 милијарди евра — речиси тројно повеќе од 2021 година.
Елбит системс е најголемиот производител на оружје во Израел, со промет од речиси седум милијарди долари во 2024 година, и произведува дронови, тенкови и муниција.
Неколку договори што НАТО му ги доделил на Елбит се под суспензија, што ја наруши испораката на оружје за неколку земји членки.
Портпаролот на Елбит системс не ги коментираше овие наводи.
„Компанијата одржува сеопфатна програма за усогласеност и работи целосно во согласност со индустриските стандарди“, изјави тој.






