„Тоа тврдење е лажно и ние целосно го отфрламе“, изјави функционер на НАТО за агенцијата Бета, како одговор на прашањето за тврдењата на социјалните мрежи дека ракети биле лансирани кон Иран од базата Бондстил, која е и оперативен штаб на мисијата КФОР.
Функционерот на НАТО во својот одговор до Бета кажа дека генералниот секретар на Северноатлантската алијанса Марк Руте „веќе јасно даде до знаење дека НАТО како ентитет не е вклучен во тековната воздушна кампања против иранскиот режим“.
Мисијата КФОР во Косово, додаде функционерот на НАТО, продолжува да го спроведува својот мандат – да придонесе за безбедна и сигурна средина за сите луѓе што живеат во Косово, врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН од 1999 година, во секое време, непристрасно и во тесна координација со косовската полиција и мисијата Еулекс.
Функционерот на западниот воен пакт изјави и дека Соединетите Американски Држави имаат речиси 600 војници во мисијата КФОР и дека тие „продолжуваат да играат клучна улога во поддршката на трајната безбедност низ целото Косово и регионалната стабилност“, како и во рамките на таа мисија предводена од НАТО.






