петок, 23 јануари 2026

НАСА праќа луѓе околу Месечината во летало што можеби не е безбедно

Кога четворица астронаути на 6 февруари ќе тргнат на историски лет околу Месечината во леталото Орион, ќе го сторат тоа знаејќи дека клучен дел од опремата има познат недостаток. Иако некои експерти повикуваат на откажување на мисијата со човечки екипаж, НАСА е уверена дека проблемот го држи под контрола, пишува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Главниот извор на загриженост е топлинскиот штит, кој го штити екипажот од екстремни температури (над 2.700 Целзиусови степени) при враќањето во атмосферата. За време на тест-мисијата Артемис I без екипаж во 2022 година, штитот претрпе неочекувани оштетувања – делови од материјалот се откршија, оставајќи длабоки вдлабнатини.

Истрагата траеше една година, а НАСА заклучи дека, доколку имало екипаж во леталото, тој ќе останел безбеден. Сепак, штитот за претстојната мисија Артемис II веќе бил вграден, па леталото се испраќа во вселената во постојната состојба.

Д-р Дени Оливас, поранешен астронаут и член на ревизорскиот тим, признава: „Ова не е топлински штит каков што НАСА би сакала да им даде на своите астронаути“, но верува дека агенцијата со детална анализа го свела ризикот на „умерено“ ниво. Од друга страна, д-р Чарли Камарда, експерт за топлинска заштита и исто така поранешен астронаут, одлуката за лансирање ја смета за „лудост“. Камарда тврди дека НАСА ги игнорирала предупредувањата и го одложувала решавањето на проблемот што можел да биде исправен порано.

Проблемот е во материјалот наречен авкоут, аблативен термозаштитен материјал. Во 2015 година НАСА го смени дизајнот на штитот – наместо сложена структура во форма на саќе, почна да користи големи блокови материјал за полесно производство. Истрагата утврди дека материјалот не бил доволно пропустлив, што довело до наталожување гасови и пукање при враќањето на Земјата.

За да го заштити екипажот на мисијата Артемис II, НАСА го измени планот на летот. Наместо планираното високо „прескокнување“ на атмосферата (слично на отскокнување камен по вода), леталото ќе изведе поплитко враќање за да се намали напрегањето на материјалот. Инженерите веруваат дека тоа ќе овозможи рамномерно трошење на штитот без откршување на големи парчиња.

Фото: ЕПА

Експерти како д-р Стив Скоти истакнуваат дека Орион има „вградена робусност“ – композитна структура под заштитниот слој, која би можела да послужи како последна линија на одбрана. Сепак, критичарите како Камарда предупредуваат дека НАСА премногу се потпира на поедноставени компјутерски модели (како алатката ЦИТ), кои не можат точно да предвидат како пукнатините се шират во реални услови.

Камарда прави паралела со катастрофите на шатлите Челинџер и Колумбија, тврдејќи дека во НАСА повторно се создава култура во која политичките цели и рокови се ставаат пред темелното решавање на инженерските проблеми.

Неговиот најголем страв не е нужно катастрофа на оваа мисија, туку можноста „среќата да се замени со стручност“, што би можело да доведе до лажно чувство на безбедност во идни, уште поопасни мисии.

И покрај критиките, леталото Орион веќе е поставено на ракетата СЛС. Конечната одлука за подготвеноста за лет се очекува по завршувањето на последната проценка на ризикот. Екипажот го сочинуваат астронаутите на НАСА Рид Вајзман, Виктор Гловер и Кристина Кох, како и Канаѓанецот Џереми Хансен, кои изразија целосна доверба во работата на инженерите и безбедноста на новата траекторија за враќање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ