Според интерните документи кои ги објави Политико, НАСА ќе бара предлози од приватни компании за развој на реактор од 100 киловати кој би можел да напојува долгорочни мисии на површината на Месечината. Реакторот е наменет за поддршка на идни мисии со екипаж.
„Станува збор за победа во уште една вселенска трка“, изјавил за Политико висок функционер на НАСА, зборувајќи под услов да остане анонимен.
На агенцијата ѝ било наредено да назначи менаџер на програмата и да започне консултации со индустријата во рок од 60 дена, според извештајот. Целта е реакторот да се лансира до 2030 година, приближно во исто време кога Кина планира да го испрати својот прв астронаут на Месечината.
НАСА претходно финансираше истражување за помал систем од 40 киловати, но новиот план поставува поамбициозен временски рок. Документите, исто така, предупредуваат дека првата нација што ќе инсталира реактор би можела да прогласи ексклузивни зони на Месечината, потенцијално ограничувајќи го пристапот на други актери.
Со оглед на предложеното намалување на буџетот на НАСА од 24,8 милијарди долари на 18,8 милијарди долари од страна на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, прашањето е како ќе се финансира проектот и колку пари ќе останат за традиционално истражување на вселената.






